Фото: Слободен печат
Фото: Слободен печат

Мајки на бебиња се жалат дека Фондот не им го исплаќа породилното на време

Породилно немам земено за месец мај, а денес е први јули. Секој месец се молиме по телефони, и секој си ја префрла топката- фондот во Министерство за финансии и обратно. Веќе е за греота законското право што го имаме секој месец да не го исполнуваат.

Вака мајки на мали бебиња во редакцијата на „Слободен печат“ ја опишуваат голготата и неизвесноста што ја живеат откако се породиле. Дел од нив тврдат дека пролонгирањето на исплатата е со недели. Запрашани каков одговор добиваат од Фондот за здравство на нивните поплаки, една мајка ни рече:

-Налозите се генерирани, исплатите се во финална фаза, следете си на сметките и така веќе две недели кај некои мајки. Јас не добив одговор од нив на мојот мејл, а секоја мајка што добила повратен одговор е ист како што ви пишав погоре. Имаме и отворено писмо, и имаше во некои медиуми објавено, но ни се чини сè е џабе.

Дел од нив и во групата на Фејсбук „Исплата на породилно“ алармираат дека месеците поминуваат, а сметките им зјаат празни.

-Навистина е срамота секој месец да се повторува истото. Породилното постојано доцни, а никој не се чувствува должен да даде објаснување. Мајките не можат да им кажат на своите бебиња: „Почекајте, државата доцни.“ Породилното не е подарок, не е милостина и не е услуга што некој ни ја прави.

Тоа е законско право. Зад секоја исплата стои семејство кое треба да купи пелени, млеко, храна, лекови и да ги плати секојдневните трошоци. Најмалку што заслужуваме е навремена исплата и јасна информација кога ќе бидат исплатени средствата. Наместо тоа, секој месец сме принудени да бараме информации по телефони, да чекаме со денови и да се прашуваме дали и кога ќе ни бидат исплатени.

Колку уште мајки ја чекаат исплатата за мај? Да покажеме дека ова не е проблем само на една мајка, туку на многу семејства низ цела Македонија, пишува во објава од завчера во оваа група.

„Слободен печат“ се обрати во Фондот за здравствено осигурување пренесувајќи ги ваквите поплаки кои мајките ги упатуваат до нашата редакција, но и јавно. Одговорот оттаму е дека континуирано ги обработуваат, контролираат и одобруваат барањата за исплата на надоместок на плата по основ на породилно отсуство, согласно законските процедури и по редоследот на нивното комплетирање.

Исплатата на надоместоците се реализира континуирано. Само во текот на изминатата недела беа исплатени околу 200 милиони денари по основ на породилни отсуства, а со истата динамика продолжуваат и исплатите во текот на оваа недела.

Свесни сме дека секое доцнење кај оваа категорија осигуреници предизвикува загриженост, поради што нашите стручни служби секојдневно постапуваат по предметите со највисок степен на ажурност.

Воедно, на Инфолинијата и на службените електронски адреси на Фондот редовно пристигнуваат прашања од осигурениците, а вработените континуирано им даваат информации за текот на обработката и динамиката на исплатите, одговорија од ФЗОМ за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот