Пола од општините три години немале тендер за пешачки премини — „зебрите“ често се прават „фушерски“, покажува истражување
Избледените и речиси невидливи пешачки премини, кои секојдневно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните, не се случајност. Вака направените „зебри“ се последица на начинот на кој општините ги спроведуваат набавките за нивно обележување, покажува новата анализа на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Препорачано
Анализата „Тендери за невидливи пешачки премини“ укажува дека поголем дел од општините воопшто немале набавки за т.н. хоризонтална сигнализација на улиците во последните три години, а во многу случаи каде ваквите набавки се реализираат не се поставуваат јасни критериуми за квалитетот и за трајноста на бојата со која се бележат.
Поради тоа, велат од Центарот, дури и таму каде што се трошат јавни средства за обележување на улиците, резултатот секогаш не се видливи и безбедни пешачки премини.
„Истражувањето открива дека за повеќе од половина од локалните самоуправи, конкретно за 46 од 81, во електронскиот систем немаат ниту еден тендер за хоризонтална сигнализација во периодот од 2023 до 2025 година. Во овие општини без ниту еден тендер за бележење на улиците живеат 560 илјади жители. Оваа пракса не е ограничена само на мали рурални општини – меѓу нив се и густо населените скопски општини Аеродром, Чаир, Бутел и Сарај, каде што интензивниот сообраќај ја прави хоризонталната сигнализација директно поврзана со безбедноста на пешаците и на другите учесници во сообраќајот“, соопштуваат од Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).
Оттаму нагласуваат дека само дел од општините дефинираат конкретни стандарди и карактеристики на бојата, додека во голем број општини техничката спецификација е сведена само на два збора, „боја за патишта“, без никакви мерливи критериуми за квалитетот.
„Без минимални технички барања за бојата, нема механизам за проверка колку време ќе трае набавената боја – а јавните пари се трошат без очекуваниот ефект“, нагласуваат од ЦГК.
Анализата на единечните цени открива ценовни разлики и до четири пати. Бојата е купувана од 132 до 296 денари за еден килограм, додека пак цените за услугите за бележење со бела боја и стаклен перлит се движат од 281 до 802 денари за метар квадратен.
Скопје го гнасат ѓубре и смрдеа, избледени пешачки премини, затнати шахти…


