Пазарот е преплавен со органско жито, органски домати и краставици скоро и да нема

Органското производство во земјава е со најголем раст во последниве неколку години. Најновите статистички податоци за 2025 година покажуваат дека обработливата површина под органско производство е зголемена за 24,6 проценти во однос на претходната година. Лани со органско земјоделско производство се занимавале 931 производител, а вкупната обработлива површина достигнала 5.145 хектари. Од нив, 3.243 хектари се сертифицирани органски површини, додека 1.902 хектари се наоѓаат во период на преод, односно во процес на исполнување на условите за добивање органски сертификат.

Најголемо учество во органското производство имаат житните култури. Под нив се обработуваат 2.444 хектари или речиси половина од сите органски површини во државата. Во споредба со 2024 година, нивната застапеност е зголемена за 31,3 проценти, што ги прави најбрзорастечка категорија меѓу главните земјоделски култури.

Раст е забележан и кај останатите култури што се важни за домашното земјоделство. Органските индустриски култури се одгледуваат на 444 хектари, додека фуражните култури, наменети за исхрана на добитокот, зафаќаат 1.000 хектари, што претставува раст од 16,1 процент во однос на минатата година. Органските овоштарници се простираат на 787 хектари и бележат умерено зголемување.
Од друга страна, статистиката покажува дека кај дел од производството има намалување. Органскиот зеленчук се одгледува на само 77 хектари, што е речиси двојно помалку во споредба со претходната година. Намалување има и кај лозовите насади, кои зафаќаат 124 хектари.

Позитивните трендови продолжуваат и во органското сточарство. Во 2025 година се евидентирани 9.546 органски говеда, што е за 1,1 процент повеќе отколку во 2024 година. Најголем раст има кај овците, чиј број е зголемен за 9,4 проценти и достигнува 118.138 грла. Бројот на органски кози исто така бележи благ пораст од 0,3 проценти, со вкупно 5.079 грла.

Добри резултати има и кај органското пчеларство. Производството на органски мед достигнало 69.658 килограми, што е за 13,1 процент повеќе од претходната година. Интересно е што овој раст е постигнат и покрај тоа што бројот на пчелни семејства е намален за 2,6 проценти, што упатува на подобра продуктивност.

Иако кај зеленчукот и во лозарството има намалување на површините, вкупните показатели упатуваат на позитивен развој на секторот, особено кај житните култури, сточарството и пчеларството. Тоа покажува дека органското производство постепено зазема сè позначајно место во македонското земјоделство и одговара на растечката побарувачка за храна произведена според еколошки стандарди.

Аларм во земјоделството — сѐ повеќе жртви во несреќи со трактори, меѓу нив има и деца

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот