Ревизорите открија хаос во Торакална — незаконски плати, лекови набавени без договор, нема болничка аптека

Државниот завод за ревизија посочува дека Клиниката за торакална и васкуларна хирургија не била предмет на ревизија во изминатите години, што создава сомнеж во веродостојноста на финансиските податоци и во законитоста на начинот на кој се трошеле јавните пари.

Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил сериозни слабости во работењето на Клиниката за торакална и васкуларна хирургија, вклучувајќи незаконски исплати на плати, несоодветна евиденција, спорни јавни набавки, како и пропусти во организацијата на работата и управувањето со медицинските залихи.

Ревизијата била спроведена во рамки на сметката за средства од Фондот и на сметката на средства на сопствени приходи за 2024 година.

Од ДЗР нагласуваат дека во изминатите неколку години не била правена ревизија на клиниката, што отвора прашања за точноста на финансиските податоци и за законитоста на трошењето на јавните средства.

Незаконски исплати

Еден од клучните наоди на ревизорите е дека постојат пропусти во начинот на кој е организирана прекувремената работа на клиниката.

За прекувремена работа на 75 вработени биле исплатени 82.930 евра, но ревизијата утврдила дека целиот процес се одвивал без преходно донесена одлука на одговорното лице и без задолжително известување до Државниот инспекторат за труд.

Според ревизорите, организирањето и исплатата на прекувремената работа се вршела на крајот на месецот врз основа на листи доставени од раководителите на одделенијата, што е спротивно на законот.

Дополнителен проблем ревизијата утврдила кај ангажманите со договор на дело, при што на 24 работници незаконски им биле исплатени 88.268 евра.

Кај дел од нив е констатирано дека биле исплатени надоместоци повисоки од износите предвидени со договорите.

Според ДЗР, дополнителните исплати биле правдани со интерни пресметки за работа во празници и за дежурства, што не е целосно усогласено со основните договори за ангажман.

Ревизорите утврдиле и дека во периодот од јануари до март 2024 година, биле ангажирани 2 до 5 повеќе работници отколку што дозволило Министерството за финансии.

„Воспоставениот начин на утврдување и исплатување на надоместоците по договорите за дело не обезбедува доследно почитување на договорните и законските основи, создава ризик од субјективен пристап при утврдување на висината на надоместоците на ангажираните лица и влијае на рационалното користење на буџетските средства“, се наведува во извештајот.

Хаос со залихите на лекови

Ревизијата утврдила дека евиденцијата за залихите на лекови и на медицински материјали се вршела несоодветно, а дел од нив биле набавувани пред склучување на договор со цел да се обезбеди непречено вршење на дејноста.

Дел од медицинските материјали за операции биле нарачувани без утврдена вредност, при што е утврдена разлика од околу 251.323 евра меѓу платената сума и потрошокот по пациенти.

„Наведеното оневозможува навремено и целосно следење на потрошокот на залихите и има влијание врз точноста на податоците искажани во Билансот на состојба“, додава ДЗР.

Оттаму бараат клиниката да формира болничка аптека преку која се обезбедува управување со залихите на лекови и на медицински материјали.

Иако законски е предвидено формирање болничка аптека, клиниката нема таква организациона единица, ниту вработен фармацевт.

Наместо тоа, приемот и издавањето на лекови се врши од страна на медицински сестри и без соодветна стручна контрола, што, според ДЗР, „создава ризик од несоодветно управување со истите и грешки при нивна употреба“.

Кај јавните набавки, ревизорите утврдиле дека дел од тендерските постапки биле спроведени со премногу прецизни технички спецификации и без доволно конкурентни услови, што резултирало со ограничен број понуди.

Дополнително, кај дел од набавките се создава зависност од конкретни добавувачи, што, според ДЗР, го намалува нивото на конкуренција и економичноста при трошењето на јавните средства.

Ревизијата укажува и на недоследности во начинот на кој клиниката ја наплатува партиципацијата од пациентите, при што се утврдени разлики меѓу пријавените износи до Фондот и реално евидентираните уплати.

Клиниката ги правда разликите со тоа што тврди дека некои пациенти си заминувале без да платат. Според ревизорите, тоа укажува на недоволно ефикасен систем за наплата на приходите и влијае на точноста и на комплетноста на истите.

Клиниката е натрупана со пациенти

Ревизорите посочуваат и на дисбаланс во системот „Мој термин“, каде повеќе од половина од прегледите се реализирани преку итни упати.

Иако клиниката формално ја исполнува обврската за објавување на редовни термини, анализата на ревизијата покажала дека дури 66 проценти од вкупно реализираните прегледи се извршени преку итни упати или упати без термин.

„Ваквата структура на упатувања укажува на значително отстапување од планираниот начин на користење на системот Мој Термин и на зголемено оптоварување на клиниката, што може да влијае врз ефикасноста на планирањето и организацијата на работниот процес, оптималното користење на расположливите капацитети и достапноста на здравствените услуги за пациентите“, се вели во извештајот.

Ревизорите посочуваат дека ваквиот модел на упатување создава постојан притисок врз амбулантите и врз персоналот, бидејќи голем дел од прегледите не се однапред планирани, туку пристигнуваат како итни случаи, што го отежнува управувањето со термини и со ресурси.

„Слободен печат“ дознава: Голема инспекција во Институтот за јавно здравје, поради административци што не полагале испит

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот