ФОТО | Активисти поставија скулптура со Калимеро: „Без правда нема ниту достоинствен живот, ниту европска иднина“
Активистите од тимот на „Урбани уметнички акции“ поставија нова скулптура со Калимеро кај скверот кај „Ким“ во Скопје, со која, како што велат, сакаат да потсетат на две различни, но тесно поврзани неправди.
Препорачано
„Од една страна, Калимеро гласно зборува за Македонија, која со години се соочува со бројни неправди и блокади на патот кон Европската Унија. Но, од друга страна, истиот тој Калимеро не може, а да не констатира дека, иако можеби за Македонија нема правда во процесот на европската интеграција, правда нема ниту во самата Македонија“, соопштуваат од „Урбани уметнички акции“.
Оттаму велат дека недоволното владеење на правото, корупцијата, нефункционалното судство и слабите институции се меѓу клучните забелешки што Европската Унија со години ги упатува кон државата, која е заглавена на својот пат кон ЕУ.
„Токму затоа Калимеро гласно се спротивставува на ваквата состојба и потсетува дека без правда нема ниту достоинствен живот, ниту европска иднина“, соопштуваат тие.

Во одредна смисла, посочуваат активистите, Калимеро всушност го претставува обичниот граѓанин на Македонија кој секојдневно се соочува со неправди – од бавно и неефикасно судство, преку корупција, до проблемите во здравството, образованието и јавната администрација места каде, како што велат, владее неправдата против која Калимеро се бори.
„Затоа пораката на оваа акција е едноставна: сите ние сме Калимеро. Со години ја бараме правдата, а сѐ почесто останува чувството дека за обичниот граѓанин таа е недостижна. Или, едноставно, како што би рекол Калимеро – ‘Нема правда!’ Преку оваа уметничка интервенција сакаме да поттикнеме јавна дебата за тоа дали правдата ќе остане само ветување или конечно ќе стане реалност – и во македонските институции, но и во односот на Европската Унија кон Македонија. Во спротивно, како и Калимеро кој на крајот секогаш некаде заминува, сѐ повеќе македонски граѓани ќе бидат принудени среќата, достоинството и правдата да ги бараат надвор од сопствената држава“, соопштуваат од „Урбани уметнички акции“.



