Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска/Фото: МФ

Димитриеска-Кочоска: Јавниот долг изнесува 58,9 проценти од БДП, не трошиме за плати, туку за инвестиции

Јавниот долг на Македонија во првиот квартал од 2026 година изнесува 58,9 проценти од БДП, што е под нивото на проекциите од претходната влада, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на денешниот отчет за работата на Министерството за финансии.

-Тоа е суштинската разлика во начинот на кој ги водиме јавните финансии. Ние не создаваме дефицит за тековна потрошувачка, туку за инвестиции што ќе генерираат економски раст – рече министерката.

Таа нагласи дека во изминатите две години фокусот бил ставен на зголемување на капиталните инвестиции во патна, железничка, енергетска, образовна и комунална инфраструктура, како и во одбраната и безбедноста. Според неа, се воспоставил нов модел на управување со јавните инвестиции преку Комитет за јавни инвестиции, со кој, како што рече, се воведени јасни критериуми за избор на проекти и поголема финансиска дисциплина.

-Заврши времето кога капиталните инвестиции постоеја само на хартија – порача Кочоска.

Министерката рече дека во овој период биле обезбедени околу 250 милиони евра поволни кредити за домашните компании, наменети за инвестиции, модернизација и отворање нови работни места. Дополнително, државата издвоилила и околу 250 милиони евра за општински проекти, за локална инфраструктура, градинки, училишта и водоводни системи. Според неа, ваквиот модел претставува „централно-локално инвестициско партнерство“ кое треба да ја забрза економската активност во целата држава.

Во фокусот на Министерството, како што рече, се и голем број законски измени, од Законот за ДДВ, данок на добивка и личен доход, до нов царински закон. Целта е поедноставен систем, подобра наплата и дигитализација. Воведен е и системот OECD Pillar 2, со кој се воведува глобален минимален данок од 15% за големи компании со приходи над 750 милиони евра.

Кочоска информираше и за новиот Закон за игрите на среќа, кој воведува построга контрола, повисока заштита на граѓаните и зголемени приходи во буџетот. Според неа, во последниот период се одземени повеќе лиценци и изречени казни на финансиски друштва поради неправилности.

Најзначајниот макроекономски податок е дека јавниот долг е стабилизиран на 58,9% од БДП, што според министерката е резултат на „одговорно управување со јавните финансии и насочување кон развојни проекти“. Таа нагласи дека владата ќе продолжи со фискална консолидација, борба против сивата економија и модернизација на даночната администрација, со цел создавање предвидлива економска средина.

Во рамки на Реформската агенда 2024–2027, Македонија има исполнето осум од 22 чекори, со што се обезбедени 142,1 милион евра средства од ЕУ Планот за раст. Спроведени се реформи во јавните финансии, јавните набавки и управувањето со инвестиции, како и подобрување на транспарентноста преку редовно објавување податоци во базите на ММФ и Светска банка.

Министерката истакна и напредок во користењето на ИПА и ИПАРД фондовите, каде државата бележи зголемена реализација и нови договори за инфраструктурни и развојни проекти. Кочоска порача дека во услови на глобални економски ризици, вклучително и енергетски шокови и инфлациски притисоци, владата ќе продолжи со мерки за стабилност, заштита на животниот стандард и стимулирање на инвестициите.

-Македонија е мала и отворена економија, но со навремени и таргетирани политики можеме да ги амортизираме кризите – рече таа.

Според неа, во следниот период ќе продолжи дигитализацијата на јавните финансии, фискалната консолидација и поддршката за инвестиции.

Ако во трезорот има пари, ќе се плати – Димитриеска Кочоска го објасни доцнењето на парите за Вториот пензиски столб

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот