Ќе се проверува цената на вештачките ѓубрива за да не скокнат цените на овошјето и зеленчукот

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Министерството за економија и труд заеднички прават скрининг на увозниците на вештачки ѓубрива, рече министерот за земјоделството, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски. Тој најави заеднички состанок на кој се очекува да се донесат мерки кои ќе го превенираат ценовниот шок, бидејќи има зголемување на цената на вештачките ѓубрива. Скринингот е во делот на тоа по која цена се увезени вештачките ѓубрива и колкава е маржата што ја имаат употребено во делот на продажбата.

– Веќе во текот на утрешниот ден е закажан состанок со увозниците на вештачки ѓубрива во нашата држава, во Министерството за земјоделство, на кој ќе присуствуваат и претставници од Министерството за економија, за да ја согледаме сондажата од терен што е пристигната од Пазарниот инспекторат и спрема тие параметри што ќе бидат внатре на еден заеднички состанок ќе донесеме некои конкретни мерки, како ќе се делува во делот на евентуално превенирање на ценовниот шок, во делот на употребата на вештачките ѓубрива – рече Трипуновски.

На прашањето дали сточарите ги добија сите субвенции, Трипуновски одговори дека во делот на исплатата на субвенциите секогаш има дополнителни контроли и тоа, како што рече, во делот на тоа што значи исправност на самите апликации.

-Субвенциите што досега се исплатени се преку 35 милиони евра, за повеќе земјоделски категории и така ќе продолжи во наредниот период. Повторувам, оние кои биле во дополнителна контрола, по завршување на самиот процес ако е исправна апликацијата, ако е контролата во ред, нормално ќе им се исплати на тие земјоделци – рече Трипуновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот