Пумпи за вода во корито за отпадни води во селото Вруток / фото: МВР

СДСМ бара одговорност од Клековски за водата во Гостивар — ВМРО-ДПМНЕ најави дека овојпат ќе има „правен епилог“

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ меѓусебно се обвинуваат за случајот со водата во Гостивар, каде е прогласена епидемија откако бројката на заболени достигна речиси 2.000.

СДСМ обвини дека институциите имале ненавремена реакција откако било утврдено дека диви пумпи вбризгувале вода од реката Вардар во водоводот, поради што, велат дека и дошло до толкава бројка на заболени.

„Епидемијата на гастроентеритис во Гостивар не избувна преку ноќ, туку се развиваше со денови пред очите на надлежните институции“, посочија од партијата.

Оттаму велат дека институциите уште во раната фаза имале јасни информации и сомнежи за небезбедноста на водата, како и за невообичаеното зголемување на бројот на пациенти. Според СДСМ, јавното здравје не смее да биде предмет на доцнење, изговори или политички калкулации, а институциите имале должност да реагираат одлучно уште при првите индиции за здравствен ризик.

„Не можеме повеќе да слушаме празни изјави од типот: ‘Многу скоро ќе се излезе со информација’, ‘За неколку дена сè ќе биде познато’, ‘Дел од нив ќе ги дознаете наскоро’, а потоа да се преправаме дека сме шокирани од тоа како е можно ова да се случило. Граѓаните на Гостивар заслужуваат одговори: зошто се чекаше толку долго и кој ќе сноси одговорност за тоа што предупредувачките сигнали не беа препознаени и пресретнати навреме?“, велат од СДСМ.

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак потфрлил кандидатот на СДСМ, ДУИ и Таравари во Гостивар, обвинувајќи ја СДСМ дека не бара одговорност за овој скандал, кој, како што велат, ја потресе државата. Оттаму порачаа дека овој случај ќе добие правен епилог.

„СДС и Филипче не можат да го вперуваат прстот кон Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, затоа што кадарот кој тие со Ахмети и Таравари го промовираа и поддржаа на изборите, потфрли. Но, една работа е многу важна. Овој случај ќе добие правен епилог, нема да заврши како случајот со Модуларната болница каде токму поради Филипче живи изгореа 14 наши сограѓани, а тој не беше повикан ниту на информативен разговор, затоа што неговите судии и обвинители го штитат, и на крај кабелот беше виновен“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме пристигнаа резултатите од Институтот за јавно здравје од испитаните мостри од вода на четири локации во Гостивар, кои покажаа дека има отстапувања од нормалните параметри.

Готови се резултатите на ИЈЗ за водата во Гостивар — има отстапувања од нормалните параметри кои одговараат на моменталната состојба

Владата вчера донесе одлука во наредните неколку дена да обезбеди по 50.000 литри бесплатна вода дневно за пиење за граѓаните на Гостивар, со цел да се обезбедат основните потреби на населението додека траат мерките и препораките на надлежните институции.

Владата ќе доделува по 50.000 литри дневно вода преку различни пунктови во Гостивар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот