Замрзнати се стан и шест автомобили поврзани со Лазаров-Цуната, кој избега низ прозорец од кочанската полиција
Кочанското обвинителство бара замрзнување на еден стан и шест автомобили што се поврзуваат со Александар Лазаров познат како Цуна, осомничениот за трговија со дрога кој пред неколку дена избега од кочанската полициска станица, се бараше со потерница и ноќеска беше уапсен во Скопје.
Препорачано
Иако биле запишани на имиња на други луѓе, обвинителството се сомнева дека тие се во сопственост на Лазаров, како и дека тој ги стекнал со криминална активност.
-Јавниот обвинител до Основниот суд во Кочани поднесе и барање за определување привремена мерка за обезбедување – привремено одземање на движен и недвижен имот согласно член 202 од Законот за кривичната постапка, односно имот поврзан со осомничениот за кој постои сомнение дека е поврзан со криминална активност. Од преземените дејствија до овој момент постои сомнение дека еден стан и вкупно шест автомобили, од кои дел биле запишани на други лица, фактички се наоѓаат во владение и на располагање на осомничениот. Овој имот не кореспондира со неговите законски приходи, што го потврдува сомнението дека истиот претставува имот стекнат со криминална активност или имот кој служи за прикривање на незаконски стекната имотна корист- соопшти Обвинителството.
Од Обвинителството информираат дека на 10 јули годинава била донесена Наредба за спроведување истражна постапка против Лазаров и уште едно лице, осомничени како соизвршители за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Истрагата е поведена откако при претрес на автомобил кај осомничените биле пронајдени осум грама кокаин. По предлог на јавниот обвинител, уште истиот ден на Лазаров му бил определен притвор. Дел од сведоците на Обвинителството за кочанската трагедија го споменаа Цуна во сведочењата и тврдеа дека тој продавал дрога во дискотеката, дека бил приведуван, па пуштан.
Бегалецот Цуна е уапсен во Скопје, четири дена откако им избега низ прозор на кочанските полицајци


