Милениче / д-р Сара Аврамовска, доктор по ветеринарна медицина - Фото: Pexels/приватна архива

Д-р Сара Аврамовска открива кои симптоми бараат итна реакција кај милениците

Во летниот период температурите во нашата држава можат да достигнат екстремно високи вредности, кои се директна закана за здравјето на луѓето, но и за нашите миленици. Покрај топлиот воздух и високиот УВ-индекс, топлотниот удар е една од најсериозните опасности кои доаѓаат ненадејно и можат да завршат кобно по животот на кучињата. За тоа како да ги препознаете симптомите и правилно да реагирате, разговаравме со Сара Аврамовска, доктор по ветеринарна медицина.

Како да ги препознаете првите знаци на опасност?

Топлотниот удар кај животните се развива брзо, а сопствениците често ги занемаруваат почетните симптоми кои укажуваат дека организмот на кучето веќе се прегреал.

„Топлотниот удар претставува една од најургентните состојби кај милениците, како и една од најчестите со кои се соочуваме во летниот период. Првите симптоми најчесто се претерано лачење плунка (хиперсаливација), забрзано дишење, изразено темноцрвена боја на слузниците, дезориентираност и вознемиреност. Како што прогресира состојбата, може да дојде до повраќање, неконтролирана дијареа, колапс, па дури и смрт“, предупредува д-р Аврамовска.

Милениче – Фото: Pexels

Прва помош: Како правилно да го разладите кучето?

Докторката нагласува дека при првиот препознаен симптом мора да се реагира веднаш, но со ладењето треба да се биде исклучително внимателен за да не се предизвика дополнителен шок во организмот.

„Многу е важно, доколку препознаете барем еден од овие симптоми, што побрзо да го преместите животното на ладно место заштитено од сонце, да му понудите вода и постепено да ги ладите шепите со вода која е млака или на собна температура. Исто така, можете со мокри крпи да ги замотате шепите и така да ги оставите неколку минути. Строго треба да се избегнува нагло ладење под туш или поливање со многу студена вода“, објаснува ветеринарката.

Милениче – Фото: Pexels

Посетата на ветеринар е задолжителна, дури и кога изгледа подобро

Една од најголемите грешки што ја прават сопствениците е прекинувањето на грижата во моментот кога ќе видат дека кучето малку се смирило по првичното ладење.

„По укажувањето прва помош, миленикот мора што е можно побрзо да се однесе до најблиската ветеринарна амбуланта. Дури и да изгледа подобро состојбата, високата телесна температура кај миленикот, која во овие моменти може да надмине и 42 степени, може да направи сериозни и трајни оштетувања на внатрешните органи. За да се избегне сето ова, практикувајте прошетки исклучиво рано наутро и во вечерните часови, а во тие денови целосно избегнувајте голема физичка активност и тешки тренинзи“, заклучува д-р Аврамовска.

Превенцијата е најбезбедното решение

На крајот, д-р Аврамовска порачува дека превенцијата е најдобриот лек против оваа ургентна состојба. Наместо да ризикувате критични здравствени компликации, најсигурно е целосно да ги промените навиките во топлите денови. Летниот период бара дисциплина, па затоа трчањето, играњето и тешките тренинзи оставете ги за часовите кога сонцето е зајдено, со цел да го заштитите животот на вашиот најдобар пријател.

Миленици и летна исхрана: Овошје и зеленчук што безбедно можете да му го понудите на кучето или мачката

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот