Миленици и летна исхрана: Овошје и зеленчук што безбедно можете да му го понудите на кучето или мачката
Летните месеци се идеални за да им понудите освежителна закуска на вашите миленици, но важно е да знаете што е навистина безбедно и корисно за нив, а што може да биде штетно. Многу кучиња и мачки уживаат во овошје и зеленчук, но одредени намирници може да бидат опасни или да предизвикаат дигестивни проблеми.
Препорачано
Во продолжение следува преглед на најчесто препорачуваните и ветеринарски одобрени опции, пишува „Индекс“.
Краставици
Краставиците се богати со вода и растителни влакна, а содржат многу малку калории. Може да им се дадат на милениците во форма на ленти без кора. Кучињата ги обожаваат, а краставицата помага за хидратација и регулирање на варењето. Мачките ретко покажуваат интерес, но за кучињата претставува одлична нискокалорична закуска.
Банана
Бананите се безбедни во умерени количини и се одличен извор на калиум и витамин Б6. Претераниот внес може да предизвика дигестивни проблеми, па се препорачува најмногу едно до две парчиња дневно.
Лубеница
Може да им се понудат парчиња свежа лубеница без кора и семки. Тоа е безбедна, нискокалорична и освежителна ужинка. Стручњаците истакнуваат дека содржи над 90 отсто вода, како и витамини А, Б6 и Ц, што ја прави совршена за жешките денови.
Боровинки и јагоди
Боровинките и јагодите се богати со антиоксиданси и витамин Ц. Во мали количини се безбедни за кучиња и мачки и се идеални како награда. Го поттикнуваат имунитетот и меморијата, а можете да ги понудите како свежо овошје или замрзнати како сладолед.
Јаболки
Излупени и исчистени од семки, јаболките се добар извор на влакна и витамин Ц. Потребно е да се внимава на семките, бидејќи содржат мали количини цијанид. Неколку парчиња без семки се доволни како освежување.
Диња
Слично како лубеницата, и дињата содржи многу вода и корисни витамини. Особено е погодна за мачки, кои често се чувствителни на мирисот на овошје, но и за кучиња е освежувачка опција.
Моркови и тиквички
Морковите, тиквичките и зеленчукот како грашок, грав и боранија се безбедни за кучиња, а во варена и добро исчистена форма – често и за мачки. Морковот е одличен извор на бета-каротен, а тиквичките содржат вода и минерали.
На што треба да внимавате?
Иако некои сопственици мислат дека „само едно парче“ од нешто што не е дозволено нема да му наштети на миленикот, последиците може да бидат сериозни, па дури и фатални. Затоа, важно е да знаете што не смеете да им давате:
- Кромид,
- Грозје и суво грозје,
- Авокадо,
- Чоколадо,
- Лук и кромид (повторно!)
Сите овие намирници се отровни за кучињата и мачките.
Секогаш давајте им го овошјето и зеленчукот излупен и без семки, бидејќи семките може да предизвикаат гушење или проблеми со бубрезите. Исто така, внимавајте на умереност — дури и здравите ужинки не треба да надминуваат 10 отсто од дневниот внес на калории кај милениците.


