Документарно патување низ десетгодишниот развој на современата македонска џез-сцена
Во Музејот на град Скопје, во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, во рамките на 47. издание на фестивалот „Скопско лето“, на 14 јули се одржа настанот „Трага во времето – 10 години џез-оркестар“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Публиката имаше можност да биде дел од едно посебно музичко и документарно патување низ десетгодишниот развој на современата македонска џез-сцена.
Изложбата „JAZZ10 – Од иницијатива до институција: 10 години современ македонски џез (2016–2026)“ ја раскажува приказната за создавањето, растот и институционалниот развој на македонскиот џез, од формирањето на Здружението на џез-музичари и слободни уметници до создавањето на Националниот џез-оркестар.
Преку архивски материјали, фотографии, плакати, видеоматеријали и хронолошки приказ, изложбата мапира една деценија исполнета со концерти, авторски проекти, меѓународни соработки и значајни културни достигнувања.
По отворањето на изложбата следуваше концерт на Националниот џез-оркестар, со кој беше одбележан значајниот јубилеј и уште еднаш беа потврдени уметничката зрелост и виталноста на современата македонска џез-сцена.

Организатор на изложбата е Дирекција за култура и уметност на Скопје, во рамките на 47. издание на „Скопско лето“, концептот и кураторската обработка се на Марија Коробар, текстовите и истражувањето се на Василија Чали, Марија Коробар, Гоце Стевковски, Тони Димков, Филип Динев и Кристина Велковска.
Во поставката се користени фотографии на Маја Аргакијева, Татјана Ранташа, Огнен Ацевски, Davor Hrvoj, Frank Lambrechts, архивите на ЗЏМ и Националниот џез-оркестар. Техничката реализација е на Владо Кипријановски и Мартин Џепароски.


