Концертот на „Крафтверк“ во Скопје е ретка можност да се биде дел од музичката историја
Легендарната група „Крафтверк“, која го форматираше музичкото искуство кај голем број љубители на музиката и која имаше огромно влијание во развојот на музичката мисла, на 25 јули, во 21 часот, ќе настапи на Стадион на АРМ во организација на „Авалон продукција“.
Препорачано
Групата „Крафтверк“ (Kraftwerk) за првпат ќе настапи со концерт под отворено небо, а нејзиното гостување на фестивалот „Скопје колинг“ е во рамките на турнејата „Multimedia 2026“. Како потсетување, групата „Крафтверк“ досега двапати настапила во Скопје, но тоа било во затворен простор во некогашниот „Скопски саем“ и во салата „Борис Трајковски“.
Според „Авалон продукција“, „Крафтверк“ е бенд без кој во музиката многу работи немаше да бидат тоа што се: од електро до хип-хоп, од техно-поп до синт-поп. Има многу бендови кои го спојуваат минатото, сегашноста и иднината, но „Крафтверк“ се едни. Не само што ја променија електронската музика, туку го променија и начинот на кој светот ја доживува музиката, технологијата и сценскиот настап. Нивното влијание се чувствува во, речиси, секој современ музички жанр.
Има многу пионери и визионери истовремено, но никој како „Крафтверк“. Да се доживее нивен концерт под отворено небо е ретка можност да се биде дел од музичка историја, која и денес ја обликува иднината.

Во време кога вештачката интелигенција станува сеприсутен дел од нашето секојдневие, кога сѐ почесто се отвораат прашања за тоа како технологијата нѐ менува и обликува, Скопје ќе го пречека бендот кој прв ја постави дилемата за симбиотската врска помеѓу човекот и технологијата.
Тоа е веројатно така затоа што „Крафтверк“ се еден од првите бендови кој се има претставено како целосно концептуален проект со унифицирана идеја. „Крафтверк“ никогаш не биле бенд со концептуален албум – самите „Крафтверк“ се концепт, проект во кој звукот, визуелниот идентитет, технологијата, идеологијата и лајв-перформансот функционираат како едно кохерентно уметничко дело, посочуваат од „Авалон продукција“.


