Битолскиот театар на театарската сцена во Верона

Битолскиот театар со голем успех ја изведе претставата „Кориолан“ од Шекспир на фестивал во Верона

Стоечки овации, долготрајни аплаузи и публика која не престануваше да ја поздравува екипата – тоа е најубавата слика од гостувањето на Битолскиот театар во Верона.

Меѓународната изведба на „Кориолан“, во режија на Џон Блондел, на „Верона Шекспир фринџ фестивал“ (Verona Shakespeare Fringe Festival), беше пречекана со исклучителен интерес и воодушевување од публиката. Енергијата што се чувствуваше во салата за време на претставата, а особено по нејзиното завршување, покажа дека театарот навистина нема граници и дека силната приказна допира до секој, без оглед на јазикот и земјата од која доаѓа.

Во Верона се случува и 12. Светски Шекспир конгрес, кој ја одбележува 50-годишнината на Интернационалната Шекспир асоцијација, а покрај тоа на повеќе сцени низ градот се одржува и музичка програма. Со ова градот од 20 до 26 јули прераснува во глобална театарска сцена која пречека илјадници уметници, истражувачи, од целиот свет.

Фестивалот е организиран од Центарот „Skenè“ на Универзитетот во Верона. Основачи на оваа платформа се: Џон Блондел, кој е уметнички директор на фестивалот, Силвија Биљаци, Сидија Фјорато и Дејвид Скалквик. Фестивалот ги спојува делата на истражувачите и уметниците кои ги уриваат граници помеѓу сценската уметност и науката; овозможува нови начини на изведба, рецепција и пренесување; и создава можности публиката да доживее разновиден спектар на имагинативни одговори на делата на Шекспир. Фестивалот се реализира во соработка со „Conservatorio di Verona“ и „Teatro Scientifico – Teatro Laboratorio“.

„Искрено им благодариме на организаторите на фестивалот за беспрекорното гостопримство, професионалната организација и честа да бидеме дел од ова значајно меѓународно театарско случување“, истакнуваат од НТБ.

Најголемата благодарност, сепак, им припаѓа на актерската, авторската и техничката екипа на НУ Народен театар Битола, која со својата посветеност, дисциплина и талент создаде претстава што достојно ја претстави македонската театарска уметност пред меѓународната публика.

Современата адаптација на безвременската трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството. Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска. Асистент на режија е младиот уметник и режисер Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајн на светло: Џонатан Хикс, светло-мајстор: Горан Петровски, музика: Александар Димовски, видео: Владимир Переловски, инспициент: Оливер Петровски, суфлер: Мирјана Христовска.

На овој престижен меѓународен фестивал, Народниот театар Битола гостуваше по премиерата на 66. „Охридско лето“ и ја позиционираше и потврди македонската театарска сцена високо на глобалната театарска мапа. На фестивалот учествуваат театри од Италија, Велика Британија, Малта, Ерменија и Унгарија, известија од НТБ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот