Слика од изложбата „Рокстарс“

Уметникот Методија Јованов ќе се претстави со слики што ги спојуваат поп-културата, митот и личната фантазија

Центарот за современи уметности во Скопје извести за поставувањето на самостојната изложба на Методија Јованов со наслов „Рокстарс“ (Rockstars), која ќе биде отворена на 24 јули (петок), во 20:30 часот, во Мобилна/Монтажна галерија (локација: Парк на Франкофонијата).

Изложбата „Рокстарс“ ја истражува привлечноста на сликите што ја обликуваат современата имагинација. Насловот не се однесува само на музичарите, туку на пошироката култура на слава, желба и идеализирани идентитети. Преку слики што ги спојуваат поп-културата, митот и личната фантазија, изложбата создава простор во кој границите помеѓу реалното и замисленото стануваат неизвесни.

Наместо да понуди еднозначно толкување, „Рокстарс“ ги поканува посетителите да размислат за начинот на кој ги создаваме сопствените идоли и за сликите што го обликуваат нашиот поглед кон убавината, успехот и идентитетот.

Методија Јованов (Кавадарци, 1997) е македонски сликар. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2022 година, во класата на проф. м-р Благоја Маневски.

Неговата уметничка практика е насочена кон традиционалното сликарство, со особен интерес за поп-културата како визуелен и концептуален извор. Преку различни сликарски техники развива препознатлив израз што го дефинира како „одличен кич“ – критички осврт кон авангардата, концептот на „добар вкус“ и минималистичката естетика.

Јованов е член на ДЛУМ и ДЛУК и дел од неговиот опус беше претставен пред јавноста на две самостојни изложби во 2023 година: „Одличен кич“ во Музеј – Галерија во Кавадарци и „Бели лаги“ во Младинскиот културен центар во Скопје; како и десетици групни изложби и проекти низ државата во последните пет години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот