Првите мигови на катастрофата се во фокус на тематска изложба за 26 јули во Музејот на град Скопје
Во Музејот на град Скопје на 26 јули, во 19:30 часот, ќе биде отворена изложбата „63 Години – Скопје 63“. Автор на изложбата е Зоја Богдановска, кустос советник, историчар.
Препорачано
Изложбата е подготвена по повод 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес кој се случил во Скопје на 26 јули 1963 година и е дел од културната манифестација „Одбележување на 26 јули – денот на катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година“.
Темата на изложбата е 26 јули, денот на катастрофата. Централното место го заземаат луѓето – сведоци на настанот, нивните емоции, борбата за спасување на сопствениот живот, животите на своите најблиски, како и спасување на животите на своите сограѓани.
Текстот на авторот ја следи приказната за изложбата, збогатена со автентични фотографии од првите мигови на катастрофата. Терминот 5 часот и 17 минути ќе биде почеток на животни приказни што ќе бидат запишани, некои прераскажани, а други заборавени, бидејќи нема да има кој да ги раскаже. Улиците, плоштадите и парковите станаа засолништа за луѓето во тоа несекојдневно и страшно утро.
Изложбата станува дел од новосоздадена постојана поставка сместена во влезната сала во Музејот на град Скопје, нагласувајќи го значењето на музејската зграда како објект прогласен за споменик на културата во спомен на земјотресот од 26 јули 1963 година.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 341, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.7.2026)


