Во листата на најевтини европски дестинации за семеен одмор ги нема Грција, Црна Гора и Албанија
Ново истражување ги издвои најповолните европски дестинации за семеен одмор, но листата веројатно ќе предизвика дебати меѓу туристите од регионот, бидејќи некои традиционално евтини места за летување воопшто не се најдоа на неа.
Препорачано
Извештајот Post Office Travel Money Family Holiday Report 2026 ги споредил трошоците во 22 популарни европски летувалишта, анализирајќи ја цената на основни туристички услуги и производи. Во пресметката биле вклучени ручек и вечера за четиричлено семејство, пијалаци како кафе, вода, пиво, вино и сок, како и производи како крем за сончање и средство против комарци.
Според авторите на истражувањето, разликите во цените меѓу европските дестинации се значителни, па затоа е важно однапред да се проверат трошоците пред патување.
Сепак, многу туристи од регионот ќе забележат дека на листата нема некои од нивните омилени евтини летувалишта – нема ниту една дестинација од Црна Гора, Грција или Албанија, земји кои често се сметаат за достапни за семејни одмори.
Топ 10 најповолни европски дестинации за семејно летување:
1. Алгарве, Португалија
Португалскиот регион Алгарве е прогласен за најевтина семејна дестинација во Европа според истражувањето.
Кошничката со 10 туристички производи и услуги чини околу 163 евра, што е најниска цена меѓу анализираните места. Во однос на претходната година, трошоците се намалиле за околу 2,7 проценти.
Кафе може да се најде за околу 1,50 евра, пиво за околу 3 евра, а чаша вино за околу 4 евра.
2. Сончев Брег, Бугарија
Популарното бугарско летувалиште на Црното Море го зазеде второто место.
Иако цените пораснале за околу 9 проценти, вкупниот трошок за анализираната кошничка изнесува околу 166 евра.
Сончев Брег има и една од најевтините семејни вечери со пијалаци, со просечна цена од околу 85 евра.
3. Ланзароте, Канарски Острови
Шпанскиот остров се најде на третото место со трошок од околу 172 евра.
Ланзароте е најдобро рангираната шпанска дестинација во истражувањето.
4. Менорка, Балеарски Острови
Менорка е четврта со просечен трошок од околу 177 евра.
Две возрасни лица можат да ручаат со две јадења за околу 33 евра, додека кафе чини околу 2,50 евра.
5. Коста Брава, Шпанија
Ова познато шпанско крајбрежје се најде на петтото место.
Вкупниот трошок е проценет на околу 181 евро, а семејна вечера со три јадења, вино и безалкохолни пијалаци чини околу 100 евра.
6. Тенерифе, Канарски Острови
Тенерифе е шеста најповолна дестинација со трошок од околу 185 евра.
Кафето чини околу 2 евра, пивото околу 3 евра.
7. Мармарис, Турција
Некогаш прв на листата, Мармарис годинава падна на седмото место.
Иако турската лира ослабела, трошоците за одмор пораснале за околу 23 проценти и достигнале околу 186 евра.
8. Коста дел Сол, Шпанија
Познатиот шпански регион е осми со просечен трошок од околу 191 евро.
Кафе чини околу 2 евра, пиво околу 3,50 евра, а оброк со три јадења може да се најде за помалку од 95 евра.
9. Коста Бланка, Шпанија
Крајбрежјето со 151 плажа со сино знаме има просечен трошок од околу 203 евра.
Пивото е околу 4 евра, а ручек со две јадења околу 37 евра.
10. Пафос, Кипар
Листата ја затвора Пафос со вкупен трошок од околу 207 евра.
Најскапа дестинација: Соренто, Италија
На спротивниот крај од листата се најде италијанскиот Соренто, кој е прогласен за најскапа дестинација во истражувањето.
Просечниот трошок изнесува околу 314 евра, а најголем дел од сумата оди за вечера за четиричлено семејство, која во просек чини околу 176 евра.
Според истражувањето, одморот во Соренто е речиси двојно поскап отколку во победничкиот Алгарве.


