Фото: Unsplash

Совети од градинарот „Цветко“: Одите на одмор? Еве како да ги подготвите растенијата за 7–10 дена без вас

„Уживајте во одморот без грижа. Со малку подготовка, големи се шансите да се вратите дома и да ве пречекаат исто толку зелени како кога сте заминале“, вели Предраг.

Летниот одмор е време за патувања и опуштање далеку од вашите домови, но ако имате домашни растенија, сигурно размислувате како ќе се „снајдат“ додека ве нема.

Па, доколку немате блиска личност која ќе се грижи и ќе ги полева вашите цвеќиња, добрата вест е дека со неколку едноставни подготовки, повеќето ќе го поминат тој период без проблем.

Предраг Митрикески-Клекачкоски, кој е познат по својот инстаграм-профил „Цветко“, е ентузијаст за растенија, екологија, животни и природа. Иако работи во сферата на маркетингот, тој секогаш наоѓа време да им се посвети на природата и на грижата за растенија.

За безгрижно да уживате во летниот одмор далеку од вашите „зелени миленичиња“, тој предлага неколку корисни совети и чекори за подготовка.

– Едно од најчестите прашања што ги добивам секое лето е: „што да правам со растенијата додека сум на одмор?“ – открива Предраг.

Но, како што вели тој, добрата вест е дека повеќето домашни растенија многу полесно ќе издржат една недела без вас отколку што мислите. Всушност, многу почесто страдаат од премногу вода отколку од малку суша.

Фото: Pexels

Во продолжение погледнете Предраг што препорачува:

Полејте ги темелно, но не претерувајте

Ден пред да заминете, добро полејте ги растенијата и оставете вишокот вода да истече. Не оставајте вода во подлогите, бидејќи тоа може да доведе до гниење на коренот.

Тргнете ги од директно сонце

Ако некое растение стои на прозорец каде сонцето пече со часови, преместете го малку подалеку или спушете тенка завеса. Така почвата ќе се суши побавно.

Соберете ги растенијата на едно место

Кога растенијата се блиску едно до друго, создаваат повлажна микроклима, што им помага полесно да ги пребродат топлите денови.

Не ги прихранувајте пред одмор

Прихраната поттикнува нов раст, а тоа значи и поголема потреба од вода. Почекајте да се вратите.

Фото: Pexels

Што ако имате растенија што „пијат“ многу вода?

Калатеи, папрати, спатифилуми и слични видови можеби ќе имаат потреба од малку повеќе внимание.
Ако ве нема десетина дена, можете да користите фитил за самонаводнување, самонаводнувачка саксија или да замолите некого да ги провери.

А, кактусите?

Тие најверојатно ќе бидат сосема во ред. Истото важи и за сансевериите, замиокулкасите и повеќето сукуленти. Кај нив, повеќе треба да внимавате да не ги полеете премногу, отколку да останат жедни.

Мал совет за крај

Ако сепак има кој да ви ги полева растенијата додека сте отсутни, оставете му кратки насоки. Мало ливче како потсетник со пораката „Ова не се полева“, може да спаси некое растение.
Уживајте во одморот без грижа. Со малку подготовка, големи се шансите да се вратите дома и да ве пречекаат исто толку зелени како кога сте заминале.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот