Мажи во шорцеви - Фото: pexels-gabby-k

„Не сакаме да гледаме влакнести нозе, тоа нѐ вознемирува“, велат жените откако овој град ги охрабри мажите да одат во шорцеви на работа

Со порастот на температурите ова лето, сѐ повеќе мажи во Јапонија ги покажуваат нозете на работното место. Метрополитенската влада на Токио ги охрабрува вработените да ги заменат класичните костуми и вратоврските со поопуштена облека – маици, патики и шорцеви.

Гувернерката на Токио, Јурико Коике, во април ја претстави иницијативата „Tokyo Cool Biz“, со која сака дополнително да ја прошири својата препознатлива летна кампања за разладување, која со години се спроведува низ Јапонија.

Речиси четири месеци подоцна, препораката за носење шорцеви во канцеларија предизвикува поделени реакции, пренесува „Би-би-си“.

Додека некои ја поздравуваат можноста да работат поудобно за време на жештините, други сметаат дека правилото е неправедно кон жените. Иако не станува збор за официјална забрана, туку повеќе за деловен бонтон, од жените во традиционалните јапонски канцеларии и понатаму често се очекува да носат чорапи или хулахопки кога нозете им се откриени.

Дополнително, дел од жените зборуваат и за таканаречено „вознемирување со влакна на нозете“, познато на интернет како „сунехара“ (sunehara) – термин што го опишува чувството на непријатност кога мораат да ги гледаат влакнестите нозе на своите машки колеги.

„Сакаме на луѓето да им понудиме повеќе избор во екстремните горештини, а не да им кажуваме што мора да носат. Не би требало да има проблем сѐ додека облеката не е навредлива за никого“, изјави за Би-би-си Нобору Ватанабе, претставник од Одделот за животна средина на Метрополитенската влада на Токио.

Според анкета на клиниката Gorilla Clinic спроведена во јуни, 53,5 проценти од испитаниците се против носење шорцеви на работа во лето, додека 46,5 проценти ја поддржуваат препораката.

Кај оние што се против, најчесто наведуваните причини – и кај мажите и кај жените – се изгледот на телото и влакната на нозете. Од клиниката велат дека во истражувањето учествувале значително повеќе жени отколку мажи, што укажува дека токму жените почесто не сакаат да гледаат голи машки нозе во канцеларија.

Во последните години, особено во стартап-компаниите и технолошкиот сектор, сѐ повеќе Јапонци носат лежерна облека на работа. Но, годинава препораката од властите дополнително ја направи таквата практика општествено поприфатлива.

Сепак, некои мажи станале посвесни за изгледот на своите нозе.

Акифуми Фунацу, директор на Gorilla Clinic, вели дека забележал пораст на бројот на клиенти кои доаѓаат на ласерско отстранување на влакна не само од естетски причини, туку и поради, како што вели, „деловниот бонтон при носење шорцеви“.

„Многу жени сметаат дека мажите треба да имаат помалку влакна на нозете, па тие сакаат да не ги вознемируваат луѓето околу себе“, објаснува тој.

Иницијативата Cool Biz првпат ја воведе токму Јурико Коике во 2005 година, кога беше министерка за животна средина. Кампањата ги охрабруваше вработените во лето да носат кошули со кратки ракави наместо сако и вратоврска за да се намали употребата на климатизери.

Во промоцијата активно учествуваше и тогашниот премиер Џуничиро Коизуми, кој често се појавуваше во јавност без вратоврска и сако.

По разорниот земјотрес и цунамито во Тохоку во 2011 година, владата ја прошири иницијативата во „Super Cool Biz“, со дополнителни мерки за намалување на потрошувачката на енергија дома и на работното место.

Како и многу други делови од светот, Јапонија последниве месеци се соочува со рекордни температури и растечки цени на енергенсите.

Метеоролозите предупредуваат дека земјата ја очекува екстремно жешко лето. Јапонската метеоролошка агенција почна да го користи терминот „кокушо-би“, што значи „брутално жежок ден“, кога температурата надминува 40 степени Целзиусови.

Според последните податоци, во периодот од 6 до 12 јули, седум лица починале од топлотен удар, а 4.580 лица биле хоспитализирани поради последици од високите температури.

Покрај препораките да пијат доволно течности и да користат клима-уреди, Јапонците сѐ повеќе купуваат и производи што помагаат во справувањето со жештините – облека со вградени вентилатори, влажни марамчиња за разладување, чадори со УВ-заштита и преносливи рачни вентилатори.

Експертите од Јапонската академска мрежа за намалување на ризици од катастрофи нагласуваат дека организмот има потреба од неколку недели за да се приспособи на високите температури и советуваат подготовките за летните горештини да почнат уште во текот на дождовната сезона.

Дополнителен проблем за Јапонија е и високата влажност на воздухот, која го отежнува испарувањето на потта и ја намалува способноста на телото природно да се разладува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот