Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Полнети пиперки
Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.
Препорачано
Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес – полнети пиперки.

– Замислете го мирисот што се шири од рерната додека се печат полнетите пиперки – мирис што веднаш буди спомени од детството и домашната трпеза. Овој традиционален рецепт нуди совршен спој на сочни црвени пиперки исполнети со вкусна мешавина од мисиркино месо, зеленчук и ориз, прелиени со богат доматен сос. Секој залак носи дел од автентичната македонска кујна и топлината на домашно подготвениот оброк – порачува Бобе.

Состојки:
– 7-8 црвени ајварки
– 300 г мелено мисиркино месо
– 1 морков, ситно исечкан на коцки
– 1 поголема главица кромид, ситно исечкана
– ½ китка свеж магдонос, ситно исечкан
– 100 г ориз
– 200 мл доматен сос или 3-4 рендани домати
– 1 лажица црвен пипер
– 1 лажица оригано
– масло за готвење
– сол и црн бибер по вкус

Подготовка:
Во тава загрејте малку масло на средна температура и пропржете го морковот околу 3 минути. Потоа додајте го кромидот и динстајте уште 3 минути, додека омекне. Во тавата додајте го меленото мисиркино месо и гответе околу 5 минути, мешајќи повремено. Зачинете со црвен пипер, оригано, сол и црн бибер по вкус. Потоа додајте го оризот и 50 мл од доматниот сос или еден рендан домат. Промешајте добро за да се соединат состојките. На крај, додајте го магдоносот, промешајте уште еднаш и тргнете ја тавата од оган.
Пиперките исчистете ги од семките и дршките. Со чепкалка направете неколку мали дупчиња за да навлегува полесно течноста при печењето. Наполнете ги со подготвената смеса и наредете ги во лесно намастен плех за печење. Секоја пиперка затворете ја со нејзината дршка за да остане филот внатре во текот на печењето.
Во посебен сад измешајте го преостанатиот доматен сос со вода и загрејте ја течноста. Прелијте ги пиперките така што течноста ќе покрива повеќе од половина од нивната висина. Печете во претходно загреана рерна на 220 степени околу 30 минути, покриени со капак или со алуминиумска фолија. По првите 20 минути отстранете ја фолијата и продолжете со печење уште 10 минути, додека пиперките се потпечат.
На здравје!

Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Џем од кајсии
Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Џем од кајсии


