Скандал во Британија: лоби-фирма тајно им плаќала на новинари за нарачани текстови
Познатата меѓународна лобистичка фирма CиTи Груп, еден од чии основачи е влијателниот изборен стратег Линтон Крозби, се најде во центарот на голем скандал. „Гардијан“ спроведе четиримесечна истрага која откри дека СиТи Груп тајно им плаќала на новинари да објавуваат статии во водечките медиуми во корист на нивните клиенти.
Препорачано
Овие практики беа остро осудени од британските пратеници, организациите за транспарентност и медиумските експерти, нарекувајќи ги опасен напад врз демократијата и новинарската етика.
Истрагата започна откако претставници на CиTи Груп контактираа со хонорарен новинар, нудејќи му пари да објави статија во британски национален весник за проблемите во градежната индустрија.
Претставувајќи се на таен новинар, лобистите на CиTи Груп отворено се фалеле дека претходно им плаќале на новинари да објавуваат навидум независни статии. Тие исто така понудиле сума пари за да ја пласираат приказната за клиент во секторот за недвижности, потврдувајќи дека во замена за плаќањето ќе обезбедат уредничка контрола врз содржината.
„CиTи Груп“ е влијателна лобистичка компанија со годишен обрт од 40 милиони фунти, а меѓу нејзините неодамнешни клиенти се тутунскиот гигант „Филип Морис“ и сопствениците на фудбалскиот клуб „Манчестер Сити“.
Откритието предизвика реакција и повици за итна ревизија на правилата за лобирање во Велика Британија.
„Лобистите што им плаќаат на новинарите да објавуваат наводно независни статии се напад врз новинарската етика, односите со јавноста и, всушност, врз самата демократија“, предупреди Аластер Мекапра, извршен директор на Овластениот институт за односи со јавноста.
Пратеникот од Либералните демократи, Лук Тејлор, нагласи дека во овој случај е неопходна целосна транспарентност.
„CиTи Груп“ ги отфрли обвинувањата, наведувајќи дека настаните во текстот биле „намерно погрешно окарактеризирани“.
„Ние јавно не коментираме за работата што ја работиме за клиентите. Не ангажиравме новинар на тајна задача, ниту му беше платен целиот износ. Тој новинар бараше работа сам и неуморно нè контактираше повеќе од шест месеци“, се наведува во официјалниот одговор на „CиTи Груп“.
Сличен наводен случај беше актуелен и во Македонија пред дваесетина години, познат како аферата „Фабрика“. Тогаш, при крајот на премиерскиот мандат на Владо Бучковски, според наводи кои никогаш официјално не беа потврдени, ниту пак истражени и во времето на следната власт на Никола Груевски, се прочу дека владата тајно плаќала тим од активни новинари, кои наводно требало да известуваат пофално за нејзината работа и да ја кројат владината медиумска стратегија.


