Роналдо и Роберто Карлос станаа парнтери — купија фудбалски клуб
Легендарните бразилски фудбалери Роналдо и Роберто Карлос се подготвуваат за нов заеднички предизвик, но овојпат надвор од терените. Двајцата, заедно со неколку инвестициски партнери, ќе станат нови сопственици на бразилскиот третолигаш Интернасионал де Лимеира.
Препорачано
Веста ја потврди самиот Роберто Карлос во изјава за бразилските медиуми.
„Роналдо и јас го купуваме Интернасионал де Лимеира заедно со Енрико и уште двајца партнери, еден од Африка и еден од арапските земји“, изјави поранешниот лев бек на бразилската репрезентација, Реал Мадрид и Интер.
Според Роберто Карлос, целта на проектот не е само успехот на еден клуб, туку и оживување на фудбалот во внатрешноста на Бразил, каде што во минатото се создадоа голем број врвни фудбалери.
„Постепено сакаме повторно да се вклучиме во развојот на фудбалот во внатрешноста на земјата, да продолжиме да создаваме големи играчи за бразилската репрезентација и да помогнеме во реорганизацијата на помалите клубови“, истакна Роберто Карлос.
Тој најави дека планира да им помогне и на други клубови, меѓу кои и Унијао Сао Жоао, каде што ја започна својата професионална кариера, а денес настапува неговиот внук.
„Сакам подобро да ги запознаам овие клубови за да им помогнам да најдат спонзори и повторно да го вратат фудбалот во внатрешноста на Бразил на нивото на кое беше во нашето време“, додаде тој.
Интернасионал де Лимеира е основан во 1913 година во сојузната држава Сао Паоло. Најголемите успеси ги бележеше во 1980-тите, кога во 1986 година ја освои шампионската титула во државното првенство на Сао Паоло, а две години подоцна стана шампион и на втората бразилска лига.
Во моментов клубот е лидер во Серија Ц со 25 бодови по 14 одиграни кола.
Купувањето на Интернасионал де Лимеира е дел од сè поизразениот тренд во бразилскиот фудбал, каде што голем број клубови преминуваат во модел на приватна сопственост. Роналдо веќе има искуство како сопственик, откако претходно беше претседател и мнозински сопственик на Крузеиро, како и мнозински акционер во шпанскиот Реал Ваљадолид.
ВИДЕО | Виралниот навивач на Манчестер јунајтед со косата драстично го промени изгледот
Норвешка ќе го тужи Трамп поради поништениот црвен картон на Светското првенство


