Луис Хамилтон: „Горд сум што го надминав тешкиот период, сега повторно можеме да се бориме за титулата“
Унгарија е домаќин на 11. тркачки викенд од сезоната во Формула 1, воедно ова ќе биде и последниот пред традиционалната летна пауза.
Препорачано
Пред само една година Луис Хамилтон си замина од Хунгароринг разочаран по елиминацијата уште во втората квалификациска сесија (Q2), додека неговиот тимски колега Шарл Леклер ја освои пол-позицијата. По тој настап Хамилтон беше исклучително разочаран и дури изјави дека Ферари треба да размисли да го замени.
#HungarianGP 🇭🇺 | Lewis Hamilton says he’s in a much better place in comparison to last year’s Hungarian Grand Prix where he called himself ‘useless’:
“Definitely proud of everyone in the team, and also, I’m definitely proud of myself for digging myself out of the place that I… pic.twitter.com/MLYFS0pkBL
— deni (@fiagirly) July 23, 2026
Сезоната 2026, благодарение на новите технички правила, донесе целосен пресврт. Хамилтон конечно вози болид во чиј развој и самиот учествувал, а направил и неколку важни лични промени. Резултатите се видливи – по десет трки има пет пласмани на подиумот, а во Барселона ја оствари и првата победа за Ферари по речиси две години.
Во пресрет на Унгарското ГП, Хамилтон е втор во генералниот пласман со 159 бодови, 45 помалку од лидерот Кими Антонели.
„Горд сум на сите во тимот, но и на самиот себе што успеав да го надминам тешкиот период во кој што бев. Работев напорно и направив промени кои ни овозможија денес да бидеме тука. Сè уште нè чека многу работа, но повеќе од кога било верувам дека можеме да се бориме за титулата“, изјави Хамилтон.
Британецот не сакаше однапред да прогнозира резултат во Будимпешта, иако токму на Хунгароринг има рекордни девет пол-позиции и осум победи.
„Не сакам да носам заклучоци однапред. Во Силверстоун имавме болид спремен за победа, а и во Спа бевме поконкурентни отколку што очекувавме. Имаме болид што може да се бори, но сепак треба да го победиме Мерцедес. Чувствувам дека напредуваме и се надевам дека ќе бидеме во битката за победа и овој викенд“, додаде тој.
На другата страна на гаражата, Шарл Леклер исто така пристигнува со висока самодоверба. По победата во Силверстоун и второто место во Белгија, Моначанецот смета дека Ферари максимално го искористува својот болид, но предупредува дека кај новата генерација болиди и најмалата грешка може да направи огромна разлика.
„Во последните неколку трки покажавме дека сме конкурентни. Но, мора да бидеме внимателни, бидејќи со овие болиди и најмалиот пропуст може да значи катастрофален викенд. Затоа сме целосно фокусирани на подготовките, а не на очекувањата. Ако сè направиме како што треба, верувам дека повторно ќе бидеме во борба за победата“, порача Леклер.


