Мајмунот Панч - Фото: STR / AFP / Profimedia

ФОТО | Среќен роденден Панч! Мајмунчето со плишана играчка наполни една година и доби љубов од целиот свет

Јапонското мајмунче Панч, кое минатата година ги освои срцата на луѓето ширум светот откако беше фотографирано како се гушка со плишана играчка во форма на орангутан, го прослави својот прв роденден со илјадници честитки од обожаватели, пишува „Њујорк пост“.

Роденденски честитки за мајмунчето Панч – Фото: Philip FONG / AFP / Profimedia

Иако денес повеќе не се држи за играчката и има друштво меѓу другите мајмуни, приказната за неговата борба за опстанок и понатаму ги трогнува луѓето.

Панч бил напуштен од мајка му веднаш по раѓањето пред една година, најверојатно поради исцрпеност. Вработените во зоолошката градина во Јапонија презеле посебна грижа за него, а плишаната играчка му била дадена за да му помогне да ја развие способноста за фаќање, која е неопходна кај новородените макаки мајмуни.

ВИДЕО | Трогателна приказна од Јапонија: Мајмунче си најде утеха во плишена играчка откако мајка му го напушти

Од осамено бебе до ѕвезда на зоолошката градина

Денес Панч повеќе не изгледа како малечкото бебе кое постојано ја прегрнуваше играчката. Во просторот за мајмуни во Зоолошката и ботаничката градина во градот Ичикава, источно од Токио, тој си игра и се дружи со околу 50 други мајмуни.

Сепак, и понатаму привлекува големо внимание. Директорот на зоолошката градина, Такаши Јасунага, изјави дека Панч добил околу 2.500 роденденски честитки од Јапонија и од други делови на светот.

Ѕидовите на специјалната роденденска изложба посветена на Панч се исполнети со пораки од посетители, а таму може да се погледнат и снимки од неговите први денови.

„Додека Панч се бореше секој ден да преживее, двајцата негови чувари направија сè што можеа за него, додека останатите вработени внимателно го следеа неговото растење“, изјавил Јасунага.

Мајмунчето Панч / Фото: Profimedia

Играчката што му донесе светска слава

По шест месеци посебна грижа, во јануари Панч бил пуштен во просторот со другите мајмуни. Тоа бил тежок период за него, бидејќи требало да се вклопи во групата.

Во февруари, фотографиите и видеата од Панч како ја прегрнува плишаната играчка орангутан, објавени од зоолошката градина на социјалните мрежи, веднаш станаа вирални.

Кога другите мајмуни го одбивале, малото мајмунче повторно се враќало кај играчката, барајќи утеха и чувство на сигурност. Обожавателите на интернет го поддржуваа со хаштагот #HangInTherePunch, испраќајќи му пораки за охрабрување.

За многумина, не била важна само неговата симпатичност, туку и приказната за малото суштество кое се борело да биде прифатено.

ФОТО | „Икеа“ донираше куп плишени играчки за мајмунчето Панч, напуштено од мајката

Приказна што ги инспирираше луѓето

Посетителката Куми Ишизава од Кобе раскажала дека за Панч дознала преку социјалните мрежи и дека неговата приказна ѝ помогнала во тежок период од животот.

„Ме допре. Постојано си велев дека морам да оздравам и да дојдам да го видам Панч“, рекла таа, додавајќи дека конечно успеала да го посети по завршувањето на службено патување.

И други посетители велат дека токму борбата на Панч да преживее и да најде место меѓу другите мајмуни ја направила неговата приказна толку посебна.

Јеје Лајтс, долгогодишна жителка на градот, никогаш претходно не ја посетувала зоолошката градина, но откако станала обожавателка на Панч, купила годишна карта за посети.

„Имам торта за Панч-кун, ќе прославам со моите пријатели“, рекла таа, благодарејќи им на неговите чувари за грижата што му ја пружиле.

Од напуштено бебе кое се држело за плишана играчка до мал светски познат миленик, Панч денес е симбол на истрајноста, грижата и надежта што неговата приказна им ја донела на илјадници луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот