Фото: Икс/Зоолошката градина во Ичикава

ФОТО | „Икеа“ донираше куп плишени играчки за мајмунчето Панч, напуштено од мајката

Малото мајмунче по име Панч, кое го напуштила неговата мајка при раѓање, стана интернет сензација откако пронашло утеха во плишена играчка. Трогателната приказна од зоолошката градина во Ичикава во Јапонија привлече толку големо внимание што и самата „Икеа“ реагираше, а нивниот плишен орангутан стана неразделен придружник на малиот макаки.

Откако приказната стана вирална, Петра Фаре, претседателка и главен директор за одржливост на „Икеа“ Јапонија, ја посети зоолошката градина во Ичикава. Таа донираше голем број резервни и нови плишени играчки за да се осигури дека Панч секогаш ќе има извор на утеха.

Градоначалничката на Ичикава, Ко Танака, ја сподели веста на социјалните медиуми Икс.

– Малото мајмунче Панч, кое се бореше само и вредно да порасне, стана толку сакано што многумина сега го бодрат кога го гледаат со неговата плишена играчка, која ја смета за своја мајка. Претседателот на компанијата што ги произведува овие играчки нè посети денес и донесе огромен број од нив – напиша градоначалничката.

Благодарница беше објавена и на официјалниот профил на градот Ичикава.

– Се надеваме дека донираните плишени играчки ќе продолжат да бидат извор на утеха и ќе му помогнат на Панч постепено да се прилагоди на групата. Ајде сите заедно да продолжиме да го поддржуваме – се вели во објавата.

Дотичната играчка е популарната мека играчка на „Икеа“ – DJUNGELSKOG, за која во описот се вели дека може да се закачи од страна или одзади, „исто како што вистинските мајмуни се качуваат и висат од дрвјата во дождовната шума“.

Панч, јапонски макаки роден во јули 2025 година, бил напуштен веднаш по раѓањето и бил земен под грижа на неговите чувари. Кога се обиделе да го интегрираат со други мајмуни, забележале дека е изолиран и има тешкотии да ја прифати групата. На интернет се појавија снимки на кои се гледа како е отурнат од други мајмуни.

Бидејќи бебињата мајмуни во дивината се држат за своите мајки, чуварите му дале плишен орангутан за да ја ублажат неговата вознемиреност и осаменост. Оттогаш, Панч ретко ја напушта својата играчка, која ја третира како мајка и ја користи за утеха. Обожавателите на интернет ја нарекоа играчката „оранг-мама“, а наскоро беше откриено дека станува збор за производ на „Икеа“.

ВИДЕО | Трогателна приказна од Јапонија: Мајмунче си најде утеха во плишена играчка откако мајка му го напушти

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот