Фото: Икс/Зоолошката градина во Ичикава

ВИДЕО | Трогателна приказна од Јапонија: Мајмунче си најде утеха во плишена играчка откако мајка му го напушти

Шестмесечно мајмунче од Јапонија, кое било напуштено од мајка си веднаш по раѓањето, стана неочекувана интернет-сензација благодарение на својата необична, но трогателна врска со плишена играчка.

Малото мајмунче од родот макаки и по име Панч е родено во јули минатата година, но мајка му го оттурнала веднаш по породувањето. Оттогаш за него се грижат вработените во Зоолошката градина во Ичикава, кои рачно го хранат и внимателно го следат неговиот развој.

Бидејќи младите мајмуми макаки од моментот на раѓање инстинктивно се држат цврсто за својата мајка, персоналот морал да интервенира и да му понуди предмет што ќе му обезбеди чувство на сигурност. Панч сам го избрал своето „друштво“ – портокалова плишена орангутанка, која за кратко време станала негов нераздвоен придружник.


Фотографиите на кои мајмунчето ја гушка, ја носи со себе и спие врз играчката брзо се проширија на социјалните мрежи. Во Јапонија почна да се користи и хаштагот „Издржи Панч“, преку кој корисниците испраќаат пораки на поддршка.

„Плишената играчка му беше замена за мајка“, изјавил Косукe Шикано за јапонскиот весник „Маиничи Шимбун“.

Во меѓувреме, Панч постепено е запознаен со останатите мајмуни во зоолошката градина, но сè уште го хранат чуварите за да може правилно да расте. Кога другите макаки ќе го оттурнат или „искараат“, тој повторно ѝ се враќа на својата плишена орангутанка, која му служи како утеха.


Според Шикано, и покрај тешкиот почеток, малото мајмунче покажува завидна психичка издржливост.

„Дури и кога ќе биде искарано од другите мајмуни, брзо се прибира. Ментално е силен“, додал тој.

Сличен случај претходно бил забележан и со друго мајмунче по име Монгкуд, кое било трауматизирано откако сведочело на убиството на своето семејство. Тоа било спасено од организацијата „Фондација за пријатели на дивиот свет – Тајланд“ и згрижено во нивниот центар, каде што исто така нашло утеха во плишена играчка, користејќи ја како емоционална поддршка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот