63 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје
На денешен ден во 1963 година, точно во 5 часот и 17 минути, Скопје го погоди најразорниот земјотрес во неговата историја, катастрофа што за само дваесет секунди засекогаш го промени ликот на градот. Земјотресот со магнитуда од 6,1 степени според Рихтеровата скала и интензитет од девет степени според Меркалиевата скала однесе 1.070 човечки животи, повреди околу 3.000 луѓе и остави повеќе од 200.000 жители без покрив над главата. Уништени биле над 15.800 станови, уште околу 28.000 беа сериозно оштетени. Речиси 80 проценти од градската структура претрпеле разурнувања, додека потресот бил почувствуван и во поголем дел од Македонија и во соседните региони.
Препорачано
Првите информации за трагедијата кон светот ги испрати дежурниот телефонист во Пошта Скопје, Ѓорѓи Атанасовски, кој и покрај оштетувањата на објектот успеал да воспостави телефонска врска со Белград и да ја испрати пораката: „Скопје е погодено од катастрофален земјотрес“. За само неколку часа веста ја пренеле најголемите светски медиуми, а помошта почнала да пристигнува од сите страни.

Во текот на првите денови најголем товар понеле тогашната Југословенската народна армија, граѓаните од југословенски републики и домашните спасувачки служби, но многу брзо Скопје станал светски симбол на човечката солидарност. Помош испратиле 87 држави од целиот свет, а Обединетите нации презеле координација на долгорочната реконструкција на градот. На 14 октомври 1963 година Генералното собрание на Обединетите нации едногласно усвоило Резолуција за помош при обновата на Скопје, а тој ден остана запаметен како „Денот на Скопје“ во историјата на организацијата.
Часовникот на Старата железничка станица засекогаш застанал на 5:17 часот и до денес останува најпрепознатливиот симбол на трагедијата. Меѓу најтешко оштетените објекти биле Народниот театар, Офицерскиот дом, Националната банка, Куршумли ан, Сули ан, Чифте амам и голем број јавни институции, додека илјадници семејства со месеци живееле во шатори поставени во Градскиот парк, под Кале и на повеќе други локации низ градот.

Но токму од тие урнатини започна изградбата на едно ново Скопје. Со поддршка на Обединетите нации бил распишан меѓународен конкурс за нов урбанистички план, а клучниот печат го остави јапонскиот архитект Кензо Танге, чија визија го претвори градот во едно од најзначајните светски дела на модернистичката архитектура. Во наредните години биле изградени Транспортниот центар, Градскиот трговски центар, Универзитетскиот кампус, студентскиот дом „Гоце Делчев“, Музејот на современа уметност, нови булевари, мостови и модерни населби, кои го обликувале новото Скопје.
63 години подоцна, за жал, визијата за модерен и плански развиен град е изгубена. Непланската урбанизација, намалувањето на зелените површини, сообраќајниот хаос и архитектонските интервенции од последните децении го поништија духот што градот го добил по обновата.
Изложба во Музејот на град Скопје ќе остави траен запис за скопскиот земјотрес


