Исата Кане-Мејсон / фото: Охридско лето

На „Охридско лето“ вечерва ќе настапи британската пијанистка Исата Кане-Мејсон

Вечерашната фестивалска програма на „Охридско лето“ е посветена на британската музика, а пред охридската публика ќе настапи Исата Кане-Мејсон, една од најуспешните млади пијанистки на денешницата.

Препознатлива по своите еклектични и инспиративни рецитални програми, Исата Кане-Мејсон создава интересни музички споеви, поврзувајќи ги делата на композиторите од различни епохи — од Хајдн и Моцарт, преку Фани Менделсон и Клара Шуман, Шопен и Брамс, до Гершвин и современите автори.

Во нејзиниот оркестарски репертоар се застапени дела од класичниот период, меѓу кои концертите на Феликс Менделсон и Бетовен, но и композиции од романтизмот и 20 век, како оние на Прокофјев и Рахмањинов.

Исата Кане-Мејсон е пијанистка во подем, која веќе е барана од најзначајните концертни промотори и оркестри ширум светот. Во јули 2024 година ја отвори престижната манифестација „Би-би-си промс“ во лондонската Ројал Алберт Хол, настапувајќи со Симфонискиот оркестар на Би-би-си под диригентската палка на Елим Чан. Истата година настапи како солистка со Младинскиот оркестар на Европската Унија, под водство на диригентот Иван Фишер, во њујоршката сала „Карнеги Хол“.

Во актуелната сезона нејзините ангажмани го вклучуваат Третиот концерт за пијано и оркестар од Сергеј Рахмањинов, кој ќе го изведе со Оркестарот на Холандското радио во амстердамскиот „Концертгебау“, под диригентската палка на Бар Авни. Таа ќе настапи и со Прашкиот радиосимфониски оркестар и диригентот Петар Попелка во салата „Рудолфинум“, а ќе дебитира и со Симфонискиот оркестар на Сиетл.

Кане-Мејсон продолжува да соработува и со својот брат, познатиот виолончелист Шеку Кане-Мејсон, со кого реализира дуо-рецитални турнеи низ Европа, Јужна Америка и САД. Нејзини солистички настапи се најавени во престижни концертни сали, меѓу кои „Вигмор Хол“ во Лондон, „Брукнерхаус“ во Линц и Оперската куќа во Осло.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток од 21 часот.

„Сенките танцуваат околу нас, а ние сме во исчекување на љубовниот шок и на уметничката екстаза“, рече претседателката отворајќи го „Охридско лето“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот