Фото: Илустрација

Америка со бомби го турка Иран назад кон преговори

Еден од клучните предизвици за Вашингтон е расцепканата структура на власта во Техеран, каде што различни фракции се натпреваруваат за влијание, а иранското раководство стравува дека секоја отстапка пред Вашингтон би изгледала како слабост и би ја загрозила неговата власт, оценува директорот во Вашингтонскиот институт за блискоисточна политика и поранешен американски функционер, Мајкл Синг.

Американската војска ги паузираше воздушните напади врз Иран по речиси две недели сè поинтензивно бомбардирање, додека дипломатските напори продолжуваат за да се спречи враќање кон отворена војна од големи размери.

Сепак, останува нејасно дали САД и Иран навистина се наоѓаат во пресвртна точка во непредвидливиот конфликт, кој во вторникот ќе влезе во петтиот месец. Американскиот претседател Доналд Трамп истовремено се закануваше со нови напади и тврдеше дека преговорите напредуваат, додека ги отфрлаше стравувањата дека поскапувањето на горивата поради војната би можело да им наштети на републиканците на изборите за Конгресот во ноември, анализира „Асошиејтед прес“.

Дополнителна неизвесност создава планираната посета на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на Вашингтон, каде што следната недела треба да се сретне со Трамп. Израел, кој заедно со САД ја почна војната на 28 февруари, досега забележливо отсуствуваше од обновените американски напади, започнати поради фактичкото затворање на Ормускиот Теснец од страна на Иран. Низ овој клучен поморски коридор во нормални услови минуваат околу 20 проценти од светската нафта.

– Иранците разбираат дека ситуацијата може да стане полоша бидејќи и Израел би можел да се вклучи во конфликтот. Од друга страна, пак, досегашното невклучување на Израел можеби им сигнализира на Иранците дека сакаме да го ограничиме конфликтот – изјави директорот во Вашингтонскиот институт за блискоисточна политика, Мајкл Синг.

Синг, кој за време на администрацијата на Џорџ В. Буш бил директор за Блискиот Исток во Советот за национална безбедност, предупреди дека не треба да се извлекуваат преголеми заклучоци од моменталното затишје.

– Доколку прерасне во пауза од неколку дена, тоа би било значајно. Но, тешко е да се знае. Дали станува збор за оперативна пауза? Или за пауза што треба да овозможи некаква заткулисна дипломатија? – рече тој.

Бахреин и Кувајт за првпат директно возвратија — го нападнаа Иран со авиони

Посредниците продолжуваат со дипломатските напори

Регионален претставник вклучен во посредничките напори изјави дека се води интензивна дипломатија и дека паузата во американските напади, како и во иранските контранапади врз соседните земји во кои има американски сили, претставува „позитивен сигнал што им помага на напорите за деескалација“.
Претставникот рече дека и САД и Иран сакаат да се вратат на привремениот договор за прекин на огнот. Компромисот за кој во моментов се преговара предвидува Иран да управува со преминувањето на бродовите низ Ормускиот Теснец, но со помалку ограничувања за пловилата.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, вчера потврди дека Иран и Оман во текот на викендот во Иран одржале неколку круга технички разговори за теснецот.

Тој рече дека оманската делегација го напуштила Техеран во саботата попладне, но дека во разговорите бил постигнат напредок и дека тие продолжуваат.
Кога почна војната, Иран практично го стегна тесниот воден пат во Персискиот Залив, напаѓајќи танкери и товарни бродови. Како последица, цените на нафтата нагло пораснаа. Конфликтот е непопуларен кај голем дел од Американците и би можел да ја загрози позицијата на некои републикански конгресмени на изборите во ноември.

По јунското примирје, Ормускиот Теснец стана ново жариште. Иран инсистираше бродовите да пловат поблиску до неговиот брег и најави можни такси, додека, пак, дел се префрлија кон оманската маршрута под американска заштита. По иранските напади, САД подоцна ги гаѓаа крајбрежната одбрана, мостовите, инфраструктурата и цели во внатрешноста на земјата уште подлабоко.

Според Синг, нападите изгледаат како обид Иран повторно да биде принуден да седне на преговарачката маса.

– Сега прашањето е какви пораки, доколку воопшто испраќа, иранскиот режим доставува преку дипломатските канали. Дали тие пораки се промениле? Дали делуваат позаинтересирани да се вратат на преговорите? – рече тој.

Еден од проблемите со кои се соочуваат САД е поделеното раководство во Иран, каде што различни фракции се борат за контрола, рече Синг. На тоа укажувале и претставници на администрацијата на Трамп.

Луѓето што ја држат власта во Иран можеби стравуваат дека компромисот со САД ќе биде протолкуван како слабост и би можел да ја разниша нивната позиција.

Без оглед на тоа, и на САД и на Иран им треба повторно отворање на теснецот поради сопствените економски интереси.

– Но, тие имаат многу различни претстави за условите под кои треба да биде отворен и за тоа кој треба да го контролира. Мора да се постигне некаква стабилна рамнотежа околу овие прашања пред да видиме подолг период на мир. Мислам дека обидите да се преговара и со зборови и со сила ќе продолжат сè додека не се достигне таква рамнотежа – изјави Синг.

Трамп се заканува, но зборува и за дипломатија

Иако борбите стивнаа, регионот останува на раб на нова ескалација. Хутите со ракети и со дронови ја нападнаа Саудиска Арабија по ударите врз Ходеида и тврдат дека го затвориле Баб ел-Мандеб.

Во меѓувреме, САД ја продолжија блокадата на Иран, онеспособија брод и истовремено оставија отворена врата за преговори со Техеран понатаму.
Запрашан во петокот за својата излезна стратегија, Трамп рече дека постојат две можности.

– Можеме едноставно да продолжиме да го правиме токму тоа што го правиме и да ги уништуваме дел по дел. Можеме да го направиме тоа и побрзо, што можеби и ќе го сториме. Или можеме да преговараме со нив, што, исто така, го правиме во моментов – им рече тој на новинарите во Овалната соба.

Трамп рече дека не смета оти Иран сè уште е подготвен да склучи договор, но додаде дека „стануваат сè посериозни како што минуваат деновите, можеби од очигледни причини“. Американскиот претседател во петокот со безбедносните советници разгледувал дали да продолжи со досегашната стратегија или да ги засили нападите врз Иран, изјави анонимен американски претставник.

Трамп тврди дека не брза, иако високите цени може да им наштетат на републиканците на изборите.

Америка повторно го нападна Иран, Техеран тврди дека има и загинати

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот