Фото: mkd.basketball

Јуниорите поразени од Босна и Херцеговина на Европското првенство

Машката јуниорска кошаркарска репрезентација на Македонија го претрпе и вториот пораз на Европското првенство од Дивизијата „Б“, кое се одржува во Ријека и Опатија, Хрватска. И покрај тоа што нашите кошаркари во најголемиот дел од натпреварот ја имаа резултатската контрола, селекцијата на Босна и Херцеговина со подобар финиш стигна до пресврт и победа (86:75).

Македонија одигра одлично прво полувреме и на паузата замина со предност од 46:41, која можеше да биде и поубедлива. Во неколку наврати нашиот тим имаше водство од осум поени, а пропушти и неколку напади со кои можеше да стигне до двоцифрена разлика.

Нашите јуниори ја задржаа контролата и во третиот период. Во 26. минута Македонија поведе со 57:48, но не успеа да ја претвори предноста во двоцифрена. Тоа го искористи противникот, кој со серија од 13:2 во завршницата на третата четвртина израмни на 59:59. Малиниќ ги прекина минутите без поен за Македонија, па по три четвртини нашата селекција сепак имаше минимална предност – 61:59.

Со поените на Данев и Ѓорѓевиќ Македонија го отвори последниот период и повторно поведе со 64:59. Водството го задржа до средината на четвртината, кога БиХ израмни на 69:69, а потоа целосно го презеде натпреварот. Со серија во завршницата, Босанците поведоа со 80:73 и не дозволија Македонија повторно да се врати во игра, за конечни 86:75.

Најефикасен во македонскиот состав беше Ѓорѓевиќ натпреварот го заврши со 21 поен, четири скока и четири асистенции, Цветковски застана на ефект од 20 поени, три скока и три асистенции, додека Данев постигна 14 (имаше и три скока), а Нешовиќ додаде 10 поени и шест скока.

Во натпревар од третото коло во групата „Д“, нашата репрезентација в недела ќе се сретне со селекцијата на Унгарија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот