Влатко Георгиев: Секојпат гледам да има доволно простор за експериментирање
Голем дел од креативната работа на композиторот Влатко Георгиев е посветен на експерименталната електронска музика, а неговиот најнов албум со акузматична музика со наслов „Перцепции“ имаше презентација и во Скопје.
Препорачано
Музичарот и композитор Влатко Георгиев веќе десетина години со своето семејство живее и работи во Нов Зеланд. Повремено доаѓа во Македонија да се види со пријателите, но и да ги претстави своите нови музички креации. Додека беше тука, речиси и да нема музичар со кој не соработувал, додека во Нов Зеланд својата работа повеќе ја фокусирал во областа на акузматичната музика.
Неодамна во Скопје, во специјални услови во Аудиоцентар „Болин“, го презентираше твојот најнов албум со наслов „Перцепции“ (Perceptions). Какви услови беа неопходни за да може вистински да се доживее албумот?
– Бидејќи станува збор за албум со акузматична музика во кој користев исклучиво аудиоснимки од природата и урбаната средина во Нов Зеланд, сакав на некој начин звуците земени од природата и околината да ги вратам во најприродниот аудиоформат за човечкото уво.
За таа цел албумот е измиксан во Бинаурален (Binaural) и Долби Атмос 7.1.4 (Dolby Atmos 7.1.4) аудиоформат за звук. На покана од тимот на Аудиоцентар „Болин“, го претставивме албумот во Долби Атмос форматот, што навистина претставува куриозитет и нешто што за првпат се случува во Македонија. За да може слушателот комплетно да го доживее албумот, и на некој начин да го почувствува Нов Зеланд, во „Болин“ поставија вграден Долби Атмос систем од звучници, за што сум им многу благодарен, бидејќи и покрај тоа што албумот е издаден во Нов Зеланд, ова беше негова прва презентација на Долби Атмос систем.
Колку што сум информиран, албумот е, сѐ уште, поставен како звучна инсталација во „Болин“ и ги поканувам сите заинтересирани со најава или ненајавено да одат во „Болин“ и да го преслушаат материјалот.

Албумот е објавен во февруари годинава во Нов Зеланд. Колку време, со каков повод и на кој начин се одвиваше снимањето и продукцијата на албумот?
– Идејата за овој албум кај мене тлееше одамна. Таа се засноваше на импресиите што прекрасниот Нов Зеланд ги остави на мене од самото доаѓање во земјата. Тоа беше доволен повод да ја разработам идејата да направам композиции од звуците од природата и звуците од урбаната средина во Нов Зеланд и да ги пренесам на слушателите преку перцепцијата на еден турист, односно, во мојот случај, доселеник.
За овој проект аплицирав и, покрај големата компетитивност на конкурсот, ја добив поддршката од „Креатив Нов Зеланд“ (Creative New Zealand), националната агенција за развој на уметностите.
Процесот на создавање на албумот траеше долго, нешто можеби повеќе од една година, затоа што снимањата на звуците ги правев на многу локации низ Нов Зеланд, како и на авионски летови од и до Нов Зеланд. Во следната фаза требаше да се направи селекција од снимениот материјал и да се одбере што е практично искористливо, бидејќи овој тип снимање секогаш има непланирани ситуации и несакани звуци.
За секоја композиција користев различни композиторски техники, дигитална обработка и манипулација на звуците, a користев и различни аудиопрограми, како Лоџик про (Logic Pro-X) и Еблтон лајв (Ableton Live). Миксањето на материјалот во имерзивните формати се одвиваше во студиото на Клинт Марфи (Clint Murphey), кое е едно од првите студија во Нов Зеланд со Долби Атмос 7.1.4 поставка на мониторските звучници, а ја користевме апликацијата Про тулс (ProTools) како најсоодветна во моментов за овој тип на миксање. Издавач на албумот е „Ратл рекордс“ (Rattle Records), исто така од Нов Зеланд.

Пребарувањето на Интернет покажува дека твојот албум е прв пример на акузматична музика направен не само во Нов Зеланд, туку и на целата јужна хемисфера, додека во светски рамки само Жан Мишел Жар има албум во тој жанр. Како се дефинира акузматичната музика и која е нејзината специфика?
– Би сакал да те коригирам дека и во Нов Зеланд, како и во останатиот дел од светот, постои традиција на компонирање акузматична музика и миксање на музички албуми во имерзивни аудиоформати, но Интернет-пребарувачот го поставува мојот албум како прв пример на акузматичен албум во Нов Зеланд, и на целата јужна хемисфера, бидејќи покрај стерео форматот е измиксан и во двата имерзивни аудиоформати Бинаурален и Долби Атмос 7.1.4. Точно е дека во светски рамки само Жан Мишел Жар има ваков тип албум измиксан во двата имерзивни аудиоформати, така што во светски рамки, според пребарувачот, мојот албум „Перцепции“ се рангира како втор.
Искрено, немав претстава, ниту намера тоа да се случи, а оваа информација случајно ја откри еден мој пријател на една заедничка вечера. Секако ми е многу драго што е тоа така и се надевам дека Интернет-пребарувачот не лаже, ха, ха, ха…
Инаку, акузматичната музика е гранка на музичката уметност која произлезе од движењето „конкретна музика“ (musique concrète) во Европа пред половина век, а терминот „акузматичен“ го воведе францускиот композитор и музичар Пјер Шефер (Pierre Schaeffer). Првично, голем дел од оваа музика се создаваше со користење ленти и манипулација на претходно снимен материјал, а денес, таа главно се потпира на компјутери, секвенцери и синтисајзери.
Терминот „акузматика“ потсетува на начинот на кој Питагора го опишувал својот метод на поучување: зад завеса и во темница, за неговите ученици да можат целосно да се фокусираат на неговите зборови. Ослободувајќи се од стегите на визуелната претстава, акузматичното слушање кај слушателот ги ослободува менталните перцепции на звуците и личната имагинација на креативните форми.
Музичарите и композиторите во оваа област користат како електронски, така и звуци од природата кои потоа се обработуваат, манипулираат и трансформираат со помош на компјутер и се вклопуваат во музичката композиција.

Од каде се појави твојата желба да се занимаваш со акузматична и електроакустична музика?
– Јас веќе подолго време се занимавам со акузматична и електроакустична музика, така што овој албум не е ништо ново за мене во смисла на концепт, композициски материјал и продукциски техники. Секако, слободата во творечкиот процес за овој вид музика го прави процесот возбудлив и инспиративен. Секогаш започнувам со концептот и наративот на проектот, кои понатаму диктираат каков материјал и кои композициски и продукциски техники ќе ги користам, со тоа што секој пат гледам да има доволно простор за експериментирање.
Зад себе имам оставено акузматични композиции што биле претставени во Македонија, Германија, Данска, Обединетото Кралство, Нов Зеланд и Јапонија, а некои од нив се и наградувани. Пред две години имав нарачка од фестивалот „Франкенсоникс“ во Нов Зеланд да направам акузматична композиција за 12 звучници, која помина одлично кај публиката.
Исто така, во моментов пречистувам и вршам селекција на снимен материјал за нова композиција, така што се надевам дека во скоро време ќе можам да почнам да ја реализирам замислената идеја.
Колку време помина откако со семејството се пресели во Оукленд, во Нов Зеланд, и во какви услови таму го создаваш своето творештво?
– Со заедничка одлука на семејството, во 2017 година се преселивме во Нов Зеланд, каде што ги запишав и ги завршив докторските студии. Во изминативе десетина години престој во Нов Зеланд, работев повеќе работи, меѓу кои асистент (Graduate Teaching Assistant) на Универзитетот Оукланд и речиси две години на факултетот МАИНЗ (MAINZ – Music and Audio Institute of New Zealand) како предавач по звучни уметности и применета продукција (Sonic Arts and Applied Production Lecturer). Од јануари 2020 година работам во САЕ Институтот за креативни медии, Оукланд (SAE Creative Media Institute, Auckland), каде сум постар предавач (Senior Lecturer) и шеф на одделот за Музичка продукција.
Полното работно време и настапите со разни трибјут-групи, како Дејвид Боуви, „Кингс оф Леон“, „Прл џем“, „Фу фајтерс“ „Д’Килерс“ и „Колдплеј“, не остава доволно простор колку што би сакал да посветам на креативни проекти, но сите живееме брз и динамичен живот и мора да се адаптираме на условите. Како и да е, задоволен сум како се одвиваат работите на креативен план и проектите што ги сработив во изминатиот период.
Морам да истакнам дека поддршката која Нов Зеланд ја дава на уметниците е многу значајна. Од проекти во кои учествував во изминатиот период можам да ја издвојам музиката и дизајнот на звук за новозеландскиот мјузикл, научнофантастичната драма „Ноќни чудаци“ (Night Freaks), композицијата за 12 звучници „Луминозни гласови“ (Voices Luminous), композицијата за балетски концерт „Забавен колаж“ (Fun Collage), ремиксот „Псалми за живите“ (Psalms for the Living) на Марчело де Франчески (Marcello De Francisci) и, секако, акузматичниот албум „Перцепции“. Исто така, со „Спиритуал машинери“ учествував во реализацијата на неколку синглови, макси синглови и албумот „Аквасоник“ (Aquasonic).
Би ја додал и изработката на демо-композиции за компанијата „Ксилс-лаб“ (XILS Lab) – процес што е особено инспиративен, бидејќи вклучува истражување и креирање со звуци од нови софтверски синтисајзери и ефект-процесори. Во последно време му помагам и на мојот поголем син Давид Георгиев, кој исто е одличен музичар, во миксањето на преработки на тапани, кои ги снима со голема посветеност.

Во времето кога живееше во Скопје, беше дел од тимот што се обидуваше да заживее фестивал за акузматична музика, но таа идеја одамна замре. Во каква комуникација си со македонските колеги, композитори и продуценти?
– Како што и сам кажуваш, идејата за фестивал за акузматична музика во Македонија некако замре и, за жал, и комуникацијата на таа линија ја снема. Последната активност во која и јас бев вклучен беше изданието на компилацискиот албум „Македонска акузматична музика“ од страна на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) во 2017 година.
Би било многу позитивно и значајно овој жанр да продолжи да се негува и да се поддржува во Македонија. Јас им стојам на располагање на моите колеги за секоја иницијатива во таа насока.
Твоите почетоци повеќе се поврзани со рок и поп-музиката, а своевремено соработуваше со Тоше Проески, Калиопи, Андријана Јаневска, Дарио, како и групите „Супер Нова“, „Нокаут“, „К-15“, „Инфјуз“, „ФИН Проект“. Во какви сеќавања ти остана тој период од животот?
– Моите музички почетоци, пред сѐ, се поврзани со класичната музика, но поголемиот дел од мојата музичка кариера е поврзана со рок и поп-музиката. Списокот на музички групи и артисти со кои имам соработувано е, всушност, многу подолг и во него спаѓаат и „Мизар“, Драган Даутовски квартет, Мики Јовановски Џафер и „Бодигардс“, ДНК, групата „Багаж“, Рамиз Јусуфи – Цики, Каролина Гочева, групата П.С., Кристина Арнаудова, групата „Талични Том“, „Куку леле“, Игор Џамбазов со пријателите, Фиц и „Студени нозе“, Јован Јованов, Елвир Мекиќ, Елена Петреска итн.
Потсетувањето на тој период секогаш ми буди убави спомени. Тоа беа години со многу настапи и турнеи, преку кои созреав и се изградив како музичар, композитор, изведувач, аранжер, програмер и продуцент. Списокот на настапи е долг, почнувајќи од настапот со „Талични Том“ на „Рок-фест“ во 1987 година, настапите со „Супер Нова“ на Зајечарската гитаријада ’89 и фестивалот „Омладина“ во Суботица, преку многубројни настапи со разни камерни формации, оркестарот на Македонската опера и балет и оркестарот на Македонската филхармонија, многу фестивали, како „Аларм фест“, „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Егзит“, „Шпанцирфест“, „Таксират“, „Марс“, „Д-Фестивал“, „Пиво фест“ – Скопје, „Пиво фест“ – Прилеп“ и многу други, потоа неколку домашни и странски концертни турнеи, до мојот последен настап со ДНК во 2017 година во Штип, ноќта пред моето заминување за Нов Зеланд.

Можеби за читателите ќе биде интересно да го споменам и моето учество во интернационалната група „Спиритуал машинери“ (Spiritual Machinery), која се формираше на иницијатива на шведскиот музичар Хакан Сунар (Hakan Sunar).
Во групата, покрај Хакан, членуваат и Нори Убуката (Nori Ubukata), Клаудија Ферети Исонди (Claudia Ferretti Isonde) и Синтија Каубисенс (Cynthia Caubisens), а на групата ѝ се придружуваат доста соработници. Нори Убуката е јапонски музичар, дизајнер на звук и инвентор на музички инструменти, кој живее во Франција, а познат е како дизајнер на звук на многу класични и модерни синтисајзери, дизајнер на звук на турнејата на Лејди Гага (Lady Gaga) и инвентор на инструментот Тересин (Teresin). Клаудија Ферети Исонди е италијански музичар, вокален изведувач, сензоријалист и звучен артист, а Синтија Каубисенс е вокален изведувач и професионален пијано-изведувач од Франција.
(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 341, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 25-26.7.2026)


