ВИДЕО | Лаура Лумер се пишмани и призна дека „се сопна“ на руска пропаганда
Со години, непоколебливата поддршка на Лаура Лумер за претседателот Доналд Трамп беше рамна само на нејзиното жестоко противење САД да ѝ помагаат на Украина во војната против Русија. Оваа личност од крајната десница ги обвини украинските војници за вршење воени злосторства, а претседателот Володимир Зеленски дека ја лажира својата еврејска вероисповед. Таа своевремено го охрабруваше рускиот претседател Владимир Путин да ја заземе цела Украина.
Препорачано
Сепак, во петокот, Лумер објави исклучително пријателско 45-минутно интервју со Зеленски, снимено во Киев, во кое таа ги пофали тактиките на земјата со беспилотни летала, призна дека ширела невистини за војната и изрази жалење што ширела наративи кои ѝ оделе во прилог на Русија.
„Бев заведена од руската пропаганда“, му рече таа на Зеленски, „и почнав да верувам во многу невистинити работи за Украина“.
Ова признание претставуваше изненадувачки пресврт кај една од најлојалните сојузнички на Трамп – потег што претседателот како да го прифати веднаш. Во четвртокот, Трамп сподели промотивно видео од интервјуто на „Truth Social“ и напиша: „Многу добро!!!“
Двајца високи претставници на администрацијата изјавија за Си-Ен-Ен дека Белата куќа не била информирана оти Лумер отпатувала во воено разурнатата Украина – патување во траење од 30 часа, за кое таа наведе дека вклучувало долго возење со воз од Полска до Киев поради ограничувањата во воздушниот простор. Ниту Белата куќа, ниту Стејт департментот не одговорија на прашањата на Си-Ен-Ен во врска со нејзиното присуство таму.
Три дена претходно, Лумер објави дека го доживеала својот прв воздушен напад, додека руски ракети го бомбардирале украинскиот главен град.
„Ова е секојдневие за секој Украинец“, напиша таа, додавајќи дека се чувствувала лошо што ја минимизирала борбата на Украинците во изминатите 5 години.
-Често велев дека не ми е грижа. Кога ќе погледнам наназад, тоа не беше убаво од моја страна. Во Украина има луѓе кои секојдневно мора да бегаат во засолништа, а некои од нас имаа дрскост да тврдат дека Русија не греши, бидејќи верувавме во лагата дека Украина е земја полна со нацистички симпатизери. Бевме изложени на огромна руска пропаганда, а дури и не сме свесни за тоа, вели таа.
Промената на ставот на Лумер е потенцијално значајна не само поради нејзината блискост со Трамп, туку и затоа што таа долго време служеше како сигурен показател за ставовите во рамките на движењето МАГА.
Лумер долго време покажуваше презир кон Украина, заземајќи став што може да се опише единствено како проруски. Многумина во круговите на МАГА со години имаа позитивно мислење за рускиот претседател Владимир Путин, благодарение на руската пропаганда која го претставуваше како бедем против хомосексуалноста и бранител на фундаменталистичкото христијанство.
Промената во ставот на Лумер доаѓа во критичен момент за Украина, која неодамна го загуби еден од своите најсилни поддржувачи во Вашингтон Линдзи Греам кој почина. Републиканскиот сенатор од Јужна Каролина постојано се залагаше за засилување на санкциите против Русија со цел да се казни Москва за инвазијата врз Украина.


