ФОТО: EPA/ADAM VAUGHAN

ВИДЕО | Нови немири во Ирскa — луѓе со фантомки фрлаа камења, а полицијата ги растеруваше со водени топови

Водени топови беа употребени во втората ноќ со немири по нападот со нож во Белфаст. Насилство избувна на периферијата на Гленгормли, на околу шест милји од центарот на Белфаст, пренесе Гардијан.

Група од околу 300 луѓе, претежно мажи облечени во темна облека и со покриени лица, се собрале, наводно со намера да таргетираат хотел со мигранти.

Полицијата интервенираше со водени топови во обид да ги растера демонстрантите, кои фрлаа камења кон полициските комбиња и штитовите на припадниците на единиците за разбивање немири. Еден млад демонстрант со фантомка во боите на британското знаме постојано излегуваше напред за да фрла предмети кон полицијата.

„Внимание, внимание, веднаш разотидете се или ќе бидат употребени водени топови. Нема да има дополнителни предупредувања“, се слушаше од полициските возила.

Големо возило на Одделот за инфраструктура било зафатено од пламен додека демонстрантите се судирале со полицијата по нивното собирање во близина на кружниот тек Сендикноуз во Њутаунаби, северозападно од Белфаст.

Полициската служба на Северна Ирска соопшти дека полицајците „ги употребиле водените топови“ за одржување на јавниот ред.

„На возачите им се советува да ја избегнуваат областа околу кружниот тек Сендикноуз во Њутаунаби поради тековните немири“, порача полицијата.

Снимките покажувале десетици мажи облечени целосно во црно и со покриени лица како се собираат на патот Антрим, каде што ваделе тули од објекти и ги кршеле поплочените површини со чекани за да направат „проектили“ што потоа ги фрлале кон полицијата.

Тие, исто така, земале канти за отпадоци од пред домовите и палеле оган во нив.

Насилството избувна во главниот град на Северна Ирска во вторник вечерта откако барател на азил наводно се обидел со нож да нападне човек. Жртвата го изгубила левото око во нападот, додека напаѓачот е обвинет за обид за убиство.

Инцидентот предизвика насилство во кое маскирани банди нападнаа куќи, запалија возила и се судрија со полицијата, што ги натера властите да повикаат на смиреност.

ВИДЕО | Напад со нож во Ирска разгоре гнев — луѓе со фантомки на улица, запален автобус, контејнери

Нападот се случи во услови на сè пожестока дебата за миграцијата во Велика Британија, поттикната од низа кривични дела во кои се вклучени странски државјани.

Илон Маск, долгогодишен критичар на британската влада, објави на платформата Х пред немирите: „Само со постојани и гласни протести ќе се случи каква било промена!“

Тој, исто така, сподели објава од десничарскиот активист Томи Робинсон во која се наведени десетици локации за протести низ Велика Британија.

Лидерката на Лабуристичката партија, Ана Терли, го осуди Маск, тврдејќи дека милијардерот помагал во разгорувањето на тензиите за време на немирите.

Терли рече дека технолошкиот могул, коментирајќи „илјадници милји подалеку“, не морал да живее со последиците од немирите во Северна Ирска.

Премиерот на Велика Британија, Кир Стармер, се придружи на критиките, предупредувајќи дека оние што поттикнуваат или вршат „неприфатливо“ насилство – онлајн или на улиците – ќе се соочат со полната сила на законот.

Немирите во Белфаст се неоправдани, мора да се воспостави ред, рече Стармер

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот