Стармер: Немирите во Белфаст се неоправдани, мора да се воспостави ред

Британскиот премиер Кир Стармер ги осуди насилствата во Белфаст, откако демонстранти излегоа на улиците по напад со нож што се случи претходно неделава, објави „Итв“.

Стармер денес изјави пред пратениците дека немирите се целосно неоправдани и порача дека сите се обединети во повикот за смирување на ситуацијата и воспоставување ред.

Тој ги пофали полицијата и граѓаните кои, како што рече, реагирале храбро за време на нападот.

Стармер додаде дека разговарал со главниот началник на полицијата на Северна Ирска и со првата министерка Мишел О’Нил, нагласувајќи дека сега е време правдата да биде задоволена.

Лидерот на опозицијата Кеми Баденох ја поддржа неговата изјава и порача дека никој нема право да ги истерува луѓето од нивните домови со насилство.

ВИДЕО | Младите Белгијци пак протестираа по улиците на Брисел — полицијата ги растеруваше со солзавец и со водени топови

Нападот се случил во понеделникот вечерта во северен Белфаст.

Осомничениот, Хади Алодид, државјанин на Судан кој добил дозвола за престој во Велика Британија до 2028 година, е обвинет за обид за убиство, закани со смрт и поседување нож.

Жртвата на нападот наводно останала без левото око и претрпела тешки повреди на главата, лицето и грбот. Полицијата соопшти дека засега нема индиции дека нападот бил поврзан со тероризам.

По нападот избувнаа антимигрантски протести. Демонстранти запалија автобус во Белфаст, а пожарникарите евакуираа жители од неколку куќи откако огнот се проширил на околните објекти.

Семејството на повредениот ја осуди насилната реакција и им се заблагодари на луѓето кои интервенирале за време на нападот.

„Немирите не се добредојдени. Имаме многу мигранти кои даваат значаен придонес за нашата земја, особено во здравството и угостителството, и зависиме од нивната работа“, порача семејството.

Главниот началник на полицијата Џон Бутчер изјави дека полицијата спасила голем број семејства, меѓу кои и бебе старо само два месеци, евакуирајќи ги на безбедни локации.

Тој рече дека нема никакво оправдување за насилството.

Мирни антимигрантски протести биле одржани и во Глазгов, Единбург, Ер и Абердин.

Министерката О’Нил, исто така, остро ги осуди немирите.

„Маскирани мажи кои ги истеруваат семејствата од нивните домови со палење куќи е кукавички чин. Ова нема никаква врска со заедницата, туку е чисто хулиганство“, изјави таа.

Полицијата на Северна Ирска отвори истрага за инцидентот, кој беше снимен на видео.

На снимката се гледа како напаѓачот со нож ја напаѓа жртвата додека лежи на земја, а случајни минувачи интервенираат за да го спречат нападот. Од местото на настанот бил запленет кујнски нож.

ФОТО | Уапсен пакистански мигрант, планирал вооружен напад со многу жртви врз универзитет во САД

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот