Прес на Дарко Костадиновски- претседател на уставен суд / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Политички обвинувања без потврда – претседателот на Уставен пред професорска кариера во Штип?

На прашањето на „Слободен печат“, Костадиновски не демантира дека има таква амбиција, но обвинувањата ги нарекува „примитивен политички менталитет“. Тој вели и дека принципиелно нема да коментира политички ставови, но ги нарече лични дисквалификации и навреди.

Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски по завршувањето на деветгодишниот мандат во Судот, каде што беше избран по 17 години работа во Кабинетот на неколку претседатели на државата, се спрема да стане професор на Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип откако ќе му заврши мандатот,  во јануари идната година.

Оваа можност останува отворена, но и непотврдена, по политичките обвинувања на Левица, дека правилникот на УГД се „штима“ за Костадиновски да биде избран за професор на овој Универзитет, но и по неговиот одговор на прашањето на „Слободен печат“, во кој не демантира дека има таква амбиција, но ваквите обвинувања ги нарекува „примитивен политички менталитет“. Тој вели и дека останува доследен на својот принципиелен став да не коментира ничии политички ставови искажани во јавноста, но излегува со реакција бидејќи „се работело за лични дисквалификации и навреди“.

Тројцата кандидати на стендбај – Владата уште не дава „пас“ за судија во Стразбур

– Истовремено сакам и да изразам жалење што на мојот професионален живот и на личната кариера некој упорно им дава политичка димензија. Прашањето каде по завршувањето на мандатот ќе продолжи мојата кариера и дали тоа ќе биде универзитетската заедница претставува мој личен избор, како и легитимно право на секој граѓанин што ги исполнува законските услови за вршење одредена професија. За конкретното прашање со кое се преокупирани некои политички структури, релевантни се следниве критериуми: моето научно творештво и искуство, како и потребата на академската заедница од таков кадар. Овие критериуми, кои е лесно да се објективизираат, секако дека не зависат од кој било политичар и од неговите преференции – пишува Костадиновски во реакцијата.

Сомнежи за тенденциозно сменет член на Правилникот на Универзитетот

Како аргументи плус на оваа теза – дека Костадиновски планира да се вдоми на штипскиот универзитет – парламентарната партија објави дека Универзитетскиот сенат на „Гоце Делчев“ на 27 мај донел одлука со која тенденциозно сменил член на Правилникот на Универзитетот за постапката за избор во наставно-научни, наставно-стручни, научни, наставни и соработнички звања, со цел вработувањето на Костадиновски во иднина да биде олеснето.
„Слободен печат“ имаше увид во измените. Во нив пишува:

„Во Правилникот за посебните услови и постапката за избор во наставно-научни, наставно-стручни, научни, наставни и соработнички звања на Универзитетот ‘Гоце Делчев’ Штип, во член 19 став 2, зборовите ‘од раководителот на соодветната катедра/оддел за чијашто потреба се врши изборот, односно од Деканот на единицата’ се заменуваат со зборовите ‘деканот или ректорот’. Зборовите ‘раководителот на катедрата/одделот, односно деканот’ се заменуваат со зборовите ‘деканот или ректорот’“.

Универзитетот не даде официјална изјава и одговор на прашањата на „Слободен печат“ – зошто е сменет Правилникот, но високи извори од Универзитетот брифираат и тврдат дека измените на овој член од Правилникот се однесуваат на реизборот на веќе вработени лица и измената е направена заради поголема операбилност на Универзитетот, додека ставот што се однесува на лица што првпат се вработуваат нема никаква измена во однос на стариот правилник, каде што исто така се споменува ректорот.

– Во став 5 од истиот член стои дека: во случај кога изборот се врши првпат, по добиена нова согласност за засновање работен однос на некоја од единиците и во случај кога не е донесена одлука од Наставно-научниот совет, односно Уметничкиот совет во пропишаниот рок, одлука за распишување конкурс за избор во звање донесува ректорот на Универзитетот. Измената од 2026 година се однесува на став 2 од член 19 на овој Правилник каде што барањето за избор на постојани позиции на факултетот, наместо раководителот/деканот на единицата, се заменува со „деканот/ректорот“. Ваквата промена, според ректорската управа, е заради поголема операбилност на Универзитетот, бидејќи станува збор за реизбор на веќе вработени лица. Преостанатиот дел од членот 19, кој се однесува на избор што се врши по првпат по добиена нова согласност за засновање на работен однос на некоја од единиците, нема промена и одредбата на овој став (став 5 – н. з.) е иста како и во 2019 година – објаснуваат оттаму.

И ова толкување не го спречува Костадиновски да се пријави да стане професор.

Кое прашање му го постави Апасиев на Мицкоски?

Тезата дека Костадиновски сака да се вдоми на штипскиот универзитет првпат како пратеничко прашање до премиерот Христијан Мицкоски, од собраниска говорница ја постави лидерот на Левица, Димитар Апасиев, кој работи како професор на овој Универзитет.  Тој во април го праша Мицкоски дали лично стои зад „проект за вдомување“ на Костадиновски на некој од државните универзитети по истекот на мандатот на претседателот на Уставниот суд.

– Од три извора ми се потврдени индиции дека претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, ве споменувал лично вас, дека сте му ветиле оти по завршувањето на мандатот ќе биде избран за професор на некој од државните универзитети. Човеков е цел живот на државна функција и не може да биде ништо друго освен пак да биде на државна функција. Оттука си направил мрежа. Во мај, вие станувате премиер, во јуни тој станува претседател на Уставниот суд, а во 2025 година неговата сопруга станува судијка во Апелација. Веднаш потоа почнува со фалби на Владата што е досега нечуено од уставен судија! Притисоците, според мои сознанија, одат прво кон УКИМ, но династичкиот систем се самозаштитува, па потоа тие се насочуваат кон второрангираниот државен универзитет, каде што било употребено и вашето име. Се прават обиди да се вдоми на катедри за кои не ги исполнува условите, па дури и да се протурка во научно звање за подоцна да стане доцент – му се обрати Апасиев на Мицкоски.

Сопругите на претседателот на Уставен и на советник на премиерот унапредени во повисоки судови

Премиерот на прашањето возврати единствено со „не“, по што пратеникот Апасиев му одговори дека јануари не е далеку и дека ќе го потсети на неговиот одговор.

Судир на интереси и со менторот Сашо Георгиевски

Судирот на интереси се поврза со Костадиновски пред околу осум месеци кога Костадиновски стана претседател на Комисијата за избор на кандидати за судии во Европскиот суд за човекови права, откако Владата без никакво образложение го поништи првиот список во кој влезе омразената обвинителка на власта Ленче Ристоска. Меѓу кандидатите за судија во Стразбур се пријави деканот на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Сашо Георгиевски, кој пак му бил ментор на Костадиновски и за неговиот магистерски труд, но и за докторската дисертација од областа на меѓународното право. Сепак, Костадиновски во ова не гледа тука судир на интереси, ниту пристрасност.
Георгиевски влезе во потесниот избор на кандидати, па можно е деканот на „Јустинијана Прима“ да стане судија на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот