Министерот Андоновски најави законски измени — државата ќе купува само доверлива информатичка опрема
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, најави законски измени со кои првпат ќе се воведат стандарди за набавка на доверлива опрема за информациско-комуникациски технологии (ИКТ-опрема).
Препорачано
Андоновски на денешното отворање на конференцијата „Акцелератор за дигитална трансформација на Западен Балкан“ порача дека дигиталната трансформација е клучна за економската конкурентност, национална безбедност и институционална отпорност.
Конференцијата се одржува во Скопје во организација на Амбасадата на САД, во име на Бирото за киберпростор и дигитална политика (ЦДП) при Стејт департментот.
Според Андоновски, дигиталната трансформација е од суштинска важност за развојот на општествата и на економиите.
– Дигиталната трансформација веќе не е само прашање на модернизација. Таа е прашање на економска конкурентност, национална безбедност, институционална отпорност и јавна доверба – изјави министерот за дигитална трансформација.
Инфраструктурата што се гради денес ќе има директно влијание врз пристапот на граѓаните до услуги, додаде тој, конкурентноста на компаниите и безбедноста на општествата во иднина.
– Ние сме регион со силен човечки капитал, динамични ИКТ-компании и јасна амбиција да бидеме целосно интегрирани во европскиот и трансатлантскиот дигитален простор – истакна Aндоновски.
Тој додаде дека за реализација на оваа цел се неопходни доверлива инфраструктура, стабилна регулатива и силно партнерство со демократските сојузници.
ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Министерот Стефан Андоновски: „Везилка“ ќе биде македонскиот Четџипити
Aндоновски истакна дека дигиталната трансформација е клучен реформски приоритет на Владата, која, вели тој, цели кон тоа граѓаните и бизнисите да почувствуваат директни придобивки преку помалку бирократија, поголема транспарентност и подобра отчетност.
Тој додаде дека во текот на следната недела ќе биде претставен и проектот „Вижуал тех“, развиен во соработка со академската заедница.
Aндоновски во своето обраќање ја потенцираше и соработката со Америка.
Според економскиот аташе на САД, Барнабас Биркланд, земјите од Западен Балкан се соочуваат со клучен избор во ерата на вештачката интелигенција.
– Северна Македонија и Западен Балкан се наоѓаат во клучен момент. Револуцијата на вештачката интелигенција е веќе во тек. Земјите мора да направат избор – или да учествуваат или да бидат оставени зад себе – рече Биркланд.
Тој истакна дека промените што ги носи вештачката интелигенција ќе бидат имаат долгорочно влијание врз општествата.
Како што посочи, основата на оваа трансформација лежи во развојот на клучната дигитална инфраструктура, вклучително и телекомуникациски мрежи, 5Г-технологии, центри за податоци и облак- решенија.
Според Биркланд, американските технологија и компании играат клучна улога во глобалниот развој на вештачката интелигенција и нудат високо ниво на доверба и безбедност.
Баркланд оцени дека конференцијата претставува важна можност за продлабочување на соработката меѓу американските технолошки компании и партнерите од регионот.
Форумот претставува платформа на која претставници на институциите и бизнис-секторот дискутираат за можностите и предизвиците во дигиталниот развој, со цел утврдување нови насоки за економски раст.
На дводневниот симпозиум учесниците имаат можност да разменат искуства со експерти и да воспостават нови контакти со колеги од регионот.
Андоновски: Дата-центрите сè уште се само во фаза на преговори


