Претседателот на Уставен повика итно да се избере судија – „Двете власти вршат мобинг врз судството“
Судскиот совет итно да предложи кандидат за Уставен судија, Собранието да избере уставни судии, а политичарите да покажат повисоко ниво на уставно – правна култура и да се воздржат од етикети и поделби. Да покажат реална, а не декларативна посветеност на владеење на правото.
Препорачано
Овие неколку пораки ги испрати претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски до извршната и законодавната власт на годишната прес – конференција на која ја презентираше работата на Уставниот суд кој оваа година оформил 306 предмети, рекорден од постоењето на судот. Од нив решил 230 предмети, бројка која била приближно иста како лани и над просекот во последните пет години.
Откако Собранието ги помина роковите за измени на Кривичниот законик со кои треба да се коригираат скандалозните од 2023 година, за Законот за електронски комуникации и за Изборниот законик, Костадиновски порача „завршува медениот месец за кој било државен орган“.
-Ние имаме механизми и типови на одлуки со кои сме цврсто решени да воведеме уставна дисциплина. Можете да очекувате од наредната година многу поинакви одлуки од Уставниот суд – рече Костадиновски.
Тој имаше критики не само за законодавната, туку и за извршната власт како претседател на институција која ја контролира поделбата на власта.
-Не смее да се дозволи надмоќ и предоминација од една врз друга власт. Собранието го критикував дека е гласачка машина. И законодавната и извршната власт прават мобинг врз судската власт. Имаме доверба во судството од два посто. Па кај беа овие две власти, на одмор? Не знам како може да се апстрахираат, тоа е систем, тие ја делат власта и имаат чек енд баланс – рече Костадиновски.
Иако уставниот суд оваа година ги срушил рекордите во постапувањето на предметите, сепак не го реши еден од најгорливите кој предизвикува огромно внимание, особено меѓу политичките партии кои се „возбудуваат“ веднаш штом ќе се спомене Законот за јазиците.
Првата подготвителна седница се одложи поради трагедијата во Кочани, а втората затоа што по две години, од нигде никаде, Управниот суд донесе решение со кое констатираше дека уставната судијка Елизабета Дуковска која беше судија известител за овој предмет, била незаконски избрана во Судскиот совет, иако таа судеше и одлучуваше за сите предмети две години.
Костадиновски очекува новиот судија известител да му го достави предметот во јануари и за идната година најавува одлука за овој сензитивен предмет.
-Рокот истече минатиот месец. Судијата известител побара уште еден месец, моето очекување е во текот на јануари да го добијам и како претседател штом ќе го добијам веднаш на работен состанок ќе го поставам прашањето дали ќе продолжиме со подготвителна седница. Мене ми е непријатно по трет пат како човек да свикувам. Јас ќе се залагам за подготвителна, но дека тој предмет ќе биде решен следната година, ќе биде решен и повторно да не гледаат граѓаните на тоа на никаква опасност. Ниту даваме, ниту земаме. На крајот резултатот ќе биде многу подобар Закон за употреба на јазиците – рече Костадиновски.
На прашањето дали се сомнева во политичка позадина во одлуката на Управниот суд, кој дури по две години ја разреши Дуковска, Костадиновски изрази сомнеж и вели дека иако барал, Собранието не ги поправило законските дупки.
-Јас имам искажано сомнеж и затоа го нарекувам чуден сплет на околности. Го повикав законодавецот, но не гледам еве реакција. Јас го повикав пред пет, шест месеци веднаш да ја поправи таа законска празнина. Да одлучеше Управниот суд во рок од 48 часа, три дена, па и 30 дена, ќе беше во ред. Во поглед на избрани и именувани функционери треба да има рок. По две години, природно е да се сомневаме – вели претседателот на Уставен.
Сега Уставниот суд остана со осум судии и за голем број одлуки, меѓу која и за пензиите, не можат да обезбедат мнозинство затоа што бројот на гласови за некои предмети е изедначен.
-Веќе имаме проблеми. Од мај до денес има десетина предмети каде немаме одлука – изјави Костадиновски.
Тој најави дека ќе бара да се смени Уставот и да се донесе Закон за уставен суд затоа што нашиот Уставен суд е единствен во светот, кој не е регулиран со Закон.
-Остануваме бескомпромисни во постапувањето, со независност и со инегритет, притоа свесни дека независноста не е цел сама по себе, туку неопходен услов за обезбедување на супрематијата на Уставот, ефикасна заштита на основните права и осигурување на балансот меѓу властите во држава која се раководи од принципите на владеење на правото. Ќе работиме на обезбедување широка поддршка од сите политички чинители за да се донесат уставни измени во кои ќе се предвиди основ за двотретински закон за Уставен суд, како и за воведување на уставната тужба – најави тој.
За барањата на ДУИ да се воведе Бадинтер и во Уставен, Костадиновски е категоричен дека ако се воведе такво нешто, треба да се стави клуч на институцијата.


