Тројцата кандидати на стендбај – Владата уште не дава „пас“ за судија во Стразбур
Листата на којa се најдоа обвинителката Ленче Ристоска, судијката од Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски да биде испратена во Советот на Европа е на чекање на Илинденска бб каде што треба да биде разгледана и формално да се донесе одлука дали кандидатите ќе бидат одобрени и испратени до Советот на Европа. Од Владата уверуваат дека процесот се води транспарентно
Откако пред повеќе од десет дена тројца кандидати го минаа филтерот за избор на судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Владата сѐ уште нема дадено „пас“ листата со обвинителката Ленче Ристоска, судијката од Апелацискиот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски да биде испратена во Советот на Европа.
Препорачано
Меѓуресорската комисија што беше формирана од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија од вкупно 21 кандидат за судија во Стразбур ги избра овие три имиња како кандидати за судија во Стразбур. По конечниот избор на Комисијата со јавни забелешки излезе еден од кандидатите кој отпадна во вториот круг, Тони Менкиноски, инаку застапник на македонското малцинство во Бугарија, кој тврдеше дека со сите кандидати се направил еден голем пропуст кој, според него, бил намерен.
По утврдувањето на кандидатите почнаа и јавни напади кон Ристоска која јавно објави дека поради нејзината апликација за кандидат за Стразбур е мета на неосновани напади и клеветнички изјави.

Таа побара извинување конкретно од Драган Павловиќ Латас за клевети искажани во емисија во која тврди дека неовластено зела 100 илјади евра и дека нема стаж.
– Имајќи предвид дека ДКСК за мене никогаш немала поведено каква било постапка поврзана со примањата кои ги имам остварувано како обвинител во СЈО, како и дека сум дел од правосудниот систем од 2009 година, барав јавно извинување за ваквите клевети. Причината поради која сметам дека е неопходно да реагирам е што постапката за избор на кандидатите е во сензитивна фаза и Владата на Република Северна Македонија сѐ уште се нема произнесено по предлогот на Комисијата, па ваквиот интенциозен јавен напад, освен штета по мојот интегритет, може да нанесе директна штета во однос на мојата позиција во понатамошниот тек од постапката – објави Ристоска.
Латас, кој пак беше обвинет во неколку случаи на поранешното СЈО, не се извини и побара да се реафирмира целото работење на СЈО преку нејзиниот случај и нејзината тужба.
– Ленче Ристовска, со Фатиме Фетаи и Катица Јанева, кариера и пари направија со клеветење неосудени луѓе. Парите кои незаконски ги зеле се утврдени со ревизија, со заклучок на Антикорупциска и за тоа има кривична пријава од Вишото обвинителство оценета како основана и се држи во фиока од нејзините колеги од СЈО кои сега го водат скопското обвинителство – објави тој.
Другите информации што се лиферуваат за Ристоска се дека власта веќе договорила таа да оди за Стразбур, но од друга страна, иако оваа листа што ја утврдува комисија формирана од Владата најчесто „мазно“ и брзо поминувала на влада, за ова не се расправало ниту на последната владина седница што се одржа во вторникот.
Од Владата не прецизираат кога ќе се разгледуваат предлозите на Комисијата.

– Ве информираме дека процесот за избор на кандидат за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур се спроведува согласно меѓународните обврски и домашното законодавство. Согласно утврдените процедури, Комисијата врши првична селекција и ги доставува до Владата која ги разгледува предлозите и формално одлучува кои од кандидатите и дали истите ќе бидат одобрени и испратени до Советот на Европа. Процесот се води транспарентно и за тоа кога и дали ќе се врши избор, јавноста ќе биде навремено информирана – велат од Владата за „Слободен печат“.
Поради значењето на оваа функција, членовите на комисијата одлучуваа со квалификувано двотретинско мнозинство, што значи дека од деветтемина членови, требаше минимум шест члена да гласаат „за“, а сите кандидати беа на интервју во Министерството за надворешни работи.
Оваа процедура во земјава е многу поедноставна и побрза во однос на тоа што ги чека кандидатите откако владата ќе ја утврди листата и ќе ја испрати во Советот на Европа. Како што објаснува за „Слободен печат“ судија кој веќе ги поминал проверките во Стразбур, во Советот на Европа листата прво ја гледа Панел на експерти составен од поранешни судии на Европскиот суд за човекови права и судии на високи судови, значи од меѓународни судови.
– Овој Панел ја анализира листата, односно дали кандидатите ги исполнуваат условите според Конвенцијата за човекови права и ако тој смета дека некој од кандидатите не ги исполнува условите или сите не ги исполнуваат, може да ја врати листата за еден кандидат, може за двајца, а може и цела да ја врати назад и да бара нова листа. Ако Панелот ја прифати листата и каже дека тие се кандидати кои ги исполнуваат условите според Конвенцијата, ја препраќа на Парламентарното собрание на Советот на Европа – објаснува судијата.
Собранието пак има своја комисија од парламентарци од Парламентарното собрание на Советот на Европа која брои околу 20 луѓе која ги повикува на интервју кандидатите. По завршените интервјуа праќаат мислење до парламентарните групи до Парламентарното собрание во кое кажуваат кој од трите кандидати според нив е најдобар и ги исполнува условите во секој случај. Парламентарното собрание гласа на тајни избори со гласачко ливче и бира еден од тројцата кандидати.

Според ова објаснување, процедурата трае и затоа вообичаено Советот на Европа се обраќа една година однапред до државата оти мандатот на нашиот судија Јован Илиевски му истекува на 1 февруари идната година за да има време, ако се враќа листата, да се организираат интервјуа, да се гласа на Парламентарното собрание.
Во минатото имало ситуации кога владите имале забелешки во некои земји каде листата треба да ја одобри и Собранието и претседателот и владата, односно процедурата е покомплицирана. Панелот на експерти пак во минатото им ја има враќано листата на кандидати на Полска, на Србија и на други земји. Пред девет години Панелот ја врати листата на кандидати и на Македонија, па беше испратена нова листа и за судија во Стразбур беше избран обвинителот Јован Илиевски на кого сега му завршува мандатот.
Конвенцијата бара кандидатите да бидат судии на високи судови или да бидат правници кои имаат многу одработено во делот на човековите права, да објавувале трудови, да застапувале пред меѓународните судови, да се истакнале, односно да се одвојуваат. Тука влегуваат и професори на универзитети во делот на човековите права кои имале меѓународни активности во различни работни тела.
Меѓу кандидатите кои се пријавија за судија во Стразбур, а отпаднаа, се поранешната уставна судијка Наташа Габер-Дамјановска која беше и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, поранешниот претседател на Државната изборна комисија Александар Даштевски, поранешната претседателка на Врховен суд, Лидија Неделкова, како и судијката во Кривичниот суд, Оља Ристова.


