Сашо Клековски / Фото: ФЗО

Се намалуваат цените на ПАП и ХПВ-тестовите — целта е повеќе жени да направат скрининг

Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски соопшти дека за 40 отсто се намалува цената на два важни теста за рано откривање на рак на грлото на матката.

​Едниот е Ликвид ПАП-тест, чија цена е намалена од 2.200 денари на 1.250 денари, истовремено е намалувањето на партиципацијата за корисничките од 250 на 150 македонски денари.​ Вториот тест чија цена се намалува е ХПВ генотипизацијата, чија цена се намалува од 5.500 денари на 3.310 денари,  а партиципацијата се намалува од 550 денари на 350 денари. Ревидираната цена на ХПВ-тестот е од 1 мај, а за Ликвид ПАП-тестот од 9 јуни.

Целта, како што рече Клековски е превентивните здравствени услуги да бидат подостапни за граѓаните. Со намалувањето на цените се овозможува повеќе жени навреме да направат скрининг, бидејќи раното откривање спасува животи, нагласи Клековски.

„Целта е да стигнеме до 140.000 ПАП тестови спрема податоците што ги имаме, а во моментот се прават од сите програми заедно околу 70.000 теста. ​Морам да нагласам дека овие податоци се само од установи со кои Фондот има договор, не се од установи со кои нема договор. Во недостаток на гинеколози и цитолози и патолози, Ликвид ПАП-от е иднината на ПАП-тестот, условно да кажам, бидејќи овозможува употреба на вештачка интелигенција и трпи позначаен транспорт отколку обичниот ПАП. ​А ХПВ тестот е тестот на иднината бидејќи има поголема точност, има точност од 95 отсто и не мора да се прави на три години, може да се прави на пет години“, кажа Клековски.

Директорот рече дека целта е да има повеќе Ликвид ПАП-тестови, бидејќи технички и технолошки е поедноставен за да стигнеме до побрзи резултати.

„Знаете дека брзината на резултатите е многу важна. А понатаму, со развој на можностите, полека размислуваме за ХПВ тестот како стандард за рано откривање на рак на грло на матка. ​Јас го ставам акцентот на овој тип на рак бидејќи овој тип на рак, заедно на пример со меланомот, се ракови што комплетно можат да бидат рано откриени и за ниска цена на рано откривање да спасиме животи и да заштедиме многу финансии на Фондот“, додаде тој.

Воедно, беше кажано и дека Фондот обезбеди и континуитет во снабдувањето со терапија за пациентите кои користат лекови со активна супстанција топирамат за третман на епилепсија.

ФЗОМ бара решение за проблемите при исплата на породилното боледување, тврди Клековски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот