Фото: Икс

ВИДЕО | Америка и Иран продолжија да разменуваат удари — Бахреин и Кувајт втор ден се под напад на Техеран

САД и Иран втор ден по ред разменија напади низ Блискиот Исток, што дополнително го оптовари и онака кревкиот прекин на огнот што двете земји го договорија во април, објави „Би-би-си“.

Американската Централна команда, ЦЕНТКОМ, соопшти дека завршила бран „самоодбранбени напади“ врз воени, надзорни и врз радарски локации во јужен Иран.

Нападот се случи неколку часа откако претседателот Доналд Трамп вети дека американските сили ќе го погодат Иран „силно“ и рече дека Техеран „предолго одолговлекувал со договорот“ за трајно завршување на војната.

Како одговор, Иран започна нова серија напади врз американски воени објекти во земји низ регионот.

Американските воени бази во Бахреин и Кувајт втор ден по ред беа под ирански оган, додека, пак, иранската Револуционерна гарда, ИРГЦ, соопшти дека истрелала балистички ракети кон американски команден центар во Јордан, објавија иранските државни медиуми.

ИРГЦ соопшти дека уништила „голем број“ американски борбени авиони и „објекти“ откако истрелала 12 балистички ракети врз воздухопловната база Мувафак Салти во Јордан, иако овие тврдења не се независно потврдени.

Аларм во Бахреин

Министерството за внатрешни работи на Бахреин соопшти дека сирените за воздушна опасност биле активирани во текот на ноќта, додека кувајтската армија објави на „Икс“ дека нејзините системи за противвоздушна одбрана пресретнале „непријателски воздушни цели“.

Кувајт соопшти дека привремено го затворил својот воздушен простор поради иранските напади.

„Погодивме два нафтени танкери“

Во најновата ескалација, ИРГЦ, исто така, соопшти дека погодила два нафтени танкери што минувале низ Ормускиот Теснец, објавија иранските државни медиуми, иако немаше непосредна потврда за нападот.

Тоа се случи откако иранските државни медиуми објавија дека Ормускиот Теснец е „целосно затворен за сите видови пловила“. ЦЕНТКОМ, пак, соопшти дека „комерцијалните бродови продолжуваат да минуваат во и надвор од Ормускиот Теснец“.

Иран мора да ја плати цената, ќе ги нападнеме силно, вели Трамп

Пораснаа цените на нафтата

Цените на нафтата пораснаа по информациите за затворање на Ормускиот Теснец и наводен напад врз танкери, при што „брент“ достигна околу 95 долари за барел.

Трамп најави нови удари врз Иран, обвинувајќи го Техеран дека предолго ги одложувал преговорите за договор. И Пентагон порача дека Иран ја пропуштил шансата за дипломатско решение.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан возврати дека земјата нема да попушти пред закани.

Прекинот на огнот, договорен во април, сè повеќе се распаѓа, а Антонио Гутереш предупреди дека Блискиот Исток опасно се приближува кон поширока војна.

ВИДЕО | Иран ги нападна Бахреин, Кувајт и Јордан — Техеран сигнализира нова доктрина против Америка?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот