Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани / фото : МСПДМ

Доцнењето на социјалната помош ги остави во неизвесност најзагрозените семејства

Повеќе денови доцни исплатата на парите од правата на социјална и детска заштита во центрите за социјална работа. Граѓаните на кои најмногу им се потребни овие средства се револтирани поради доцнењето, а револтот го искажуваат во различни групи на социјалните мрежи. Од Министерството за социјална политика, демографија и млади (МСПДМ) информираа дека доцнењето се случува поради имплементација на ново софтверско решение, а вчера рекоа дека исплатата ќе почне од 10 јуни, пренесува агенцијата Мета.мк.

Граѓани по социјалните мрежи коментираат дека исплатата на социјалната помош секогаш била на 5 јуни, па, сега, со доцнењето се става во незавидна положба онаа група која и онака врзува крај со крај.

Реакции имаше пред неколку дена и од Коалицијата „Менуваме“ – Агенда 203о, од каде што рекоа дека „и покрај налозите за плаќање доставени од Центрите за социјална работа на 3 јуни 2026 година, Министерството за социјална политика, демографија и млади, сè уште не ги исплатило надоместоците за детска и социјална заштита.

„Разбираме дека овие доцнења предизвикуваат сериозни тешкотии за семејствата што се потпираат на овие витални исплати и ја споделуваме вашата фрустрација. Континуираното одложување на плаќањата покренува сериозни прашања за административната одговорност и транспарентност. Ги повикуваме сите засегнати граѓани одговорно да го кренат својот глас на социјалните медиуми и други јавни платформи, залагајќи се за навремена акција и фер третман. Како одговор, Коалицијата „Менуваме“ ќе преземе правни мерки следната недела, вклучително и поднесување кривични пријави согласно член 353 од Законот за кривична постапка, за да се осигури дека законот се почитува и дека корисниците ја добиваат поддршката на која имаат право“, пишува во објавата на Коалицијата.

Во МСПДМ, исто така пред неколку дена информираа дека поради значајна реформа во системот на социјална заштита, исплатата на правата ќе се реализира со неколкудневно задоцнување.

„Во тек е имплементација на ново софтверско решение со кое се врши модернизација и унапредување на процесите за обработка и исплата на правата од социјална и детска заштита во центрите за социјална работа. Станува збор за значајна реформа чија цел е зголемување на ефикасноста, сигурноста и квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните. Во процесот на техничко усогласување и миграција на податоците се појавија одредени непредвидени предизвици, кои предизвикаа пролонгирање на обработката на податоците и, следствено, доцнење на исплатата на паричните права од социјална и детска заштита за неколку дена. Сакаме да ги увериме сите корисници дека нивните права се целосно обезбедени и дека исплатата ќе биде реализирана веднаш по завршувањето на неопходните технички усогласувања. Надлежните служби работат интензивно на надминување на состојбата и на целосно ставање во функција на новиот систем“, пишува во нивната објава.

По бројните реакции, од министерството информираа дека од вчера 10 јуни започнала исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец мај 2026 година.

„Kорисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство. Исто така, и корисниците кои не користат картички од денеска (10 јуни) ќе можат да ги подигнат своите средства во сите отворени филијали и експозитури на банките“, рекоа во МСПДМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот