Од Јотова ништо ново, Сиљановска-Давкова вели дека е јасно оти уставните измени не се единствениот услов за ЕУ
„Бугарија очекува Република Северна Македонија да ги исполни европските критериуми за членство во Европската Унија“ – ова, како што соопшти кабинетот на Претседателот на Бугарија, го истакнала претседателката Илијана Јотова на средбата со нејзината македонска колешка, Гордана Сиљановска-Давкова.
Препорачано
Двете претседателки денеска се сретнаа во Софија, во рамките на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј домаќин беше Јотова.
Шефицата на бугарската држава, како што се вели во соопштението, рекла дека Македонија мора да го исполни „Францускиот предлог“ од 2022 година, кој самата го потпиша, а кој, како што навела Јотова, „станал паневропски став за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ“. Таа нагласила дека тоа се европски критериуми за членство, а не бугарски барања, па за да започне преговори, Македонија мора да ги исполни своите обврски со вклучување на Бугарите во својот Устав. Претседателката Јотова уште и инсистирала „да се почитуваат правата на македонските Бугари“ и „да се стави крај на говорот на омраза во Северна Македонија“.
Од своја страна, македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека од разговорите во Софија е јасно оти измените на Уставот за вклучување на Бугарите во Македонија не се единствениот услов за откочување на патот на земјава кон Европската унија.
„Јас и мојот колега Муцунски сакавме да ги слушнеме нивните позиции. На обајцата ни стана јасно – не се во прашање само уставните измени, туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на исторската комисија. Толку можам засега да кажам“, изјави претседателката во Софија.
Македонската делегација за време на средбата ги изложила своите позиции и видувања, особено потенцирајќи ја обврската на сите членки на Советот на Европа, кои се и членки на Европската Унија, да ги почитуваат пресудите на Судот во Стразбур. На средбата со својата бугарска колешка, Сиљановска-Давкова го споменала и нон-пејперот на германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон, но за тоа вели дека „немало интерес од другата страна“, а разговорот бил насочен кон прашања со кои се соочуваат двете земји како соседи.
Претседателката, сепак, ја оцени средбата со Јотова како успешна, исто како и Самитот на ПСЈИЕ.
„Изразивме став дека треба почесто да се сретнуваме и да разговараме колку тоа понекогаш да изгледа дека нема да вроди со резултат доколку сте на сопствените позиции“, изјави Сиљановска-Давкова.
Конкретна следна средба меѓу двете претседателки не е договорена, иако тие изразиле подготвеност „за разговори, за дебата и за меѓусебно почитување, дури и кога двете страни имаат различни позиции“.


