ФИФА во проблеми пред стартот на Мундијалот, многу билети стојат непродадени
Американскиот претседател Доналд Трамп и претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, би можеле да се соочат со непријатни сцени уште на почетокот на Светското првенство. Според анализа на „Фајненшл тајмс“, на официјалните платформи на ФИФА за препродажба сè уште се достапни речиси 180.000 билети, додека на официјалната страница на организацијата има уште околу 15.000 непродадени билети за натпреварите од групната фаза.
Препорачано
Мундијалот почнува утре, а високите цени на билетите веќе предизвикаа бројни критики. Некои билети за натпреварите од групната фаза достигнуваат и неколку илјади долари, поради што препродавачите почнаа да ги намалуваат цените. Според истата анализа, просечната цена на билетите на пазарот за препродажба паднала и до 20 проценти, бидејќи дел од продавачите сè потешко успеваат да ги продадат купените билети.
Особено непријатно би можело да биде доколку на стадионите во САД, Канада и Мексико се појават големи празнини на трибините. За ФИФА тоа би претставувало сериозен удар врз угледот.
Според анализата на „Фајненшл тајмс“, најголем проблем засега има САД. За првиот натпревар на американската репрезентација против Парагвај, кој ќе се игра на 13 јуни на стадионот во Лос Анџелес, на официјалната платформа за препродажба сè уште има околу 4.400 билети. И по намалувањето на цените, просечната цена на билет за овој натпревар изнесува повеќе од 800 долари.
Динамичните цени предизвикаа жестоки критики
ФИФА за првпат на Светско првенство воведе таканаречен систем на динамично формирање на цени. Тоа значи дека цените на билетите се зголемуваат или намалуваат во зависност од побарувачката.
Таквиот модел доведе до тоа некои билети, како оние за отворањето на Светското првенство меѓу Мексико и Јужна Африка на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити, да достигнат цена и до 3.000 долари.
Ниту билетите за помалку атрактивните натпревари на турнирот не се евтини, чинат најмалку 140 долари.
„Атлетик“ претходно истакна дека ценатана билет за кој било натпревар и во која било фаза од ова Светско првенство е повисока во споредба со билет на кое било претходно издание на турнирот.
Од Белата куќа ги отфрлаат загриженостите. Портпаролот Дејвис Ингл изјавил за „Дејли Бист“ дека Светското првенство„без сомнение ќе биде еден од најголемите и најспектакуларни настани во историјата на човештвото“, со милиони навивачи од целиот свет.
„Ова ќе биде монументален настан што бара тесна координација меѓу администрацијата на Доналд Трамп, ФИФА и нашите федерални, државни и локални партнери. Претседателот Трамп е фокусиран не само на тоа ова да биде незаборавно искуство за навивачите и посетителите, туку и најбезбедното Светско првенство во историјата“, изјави Ингл.
Отворена е и истрага за цените на билетите
Целиот случај веќе доби и правна димензија. Главната обвинителка на Њујорк, Летиша Џејмс, и главната обвинителка на Њу Џерси, Џенифер Девенпорт, минатиот месец отворија истрага за продажбата на билетите за Светското првенство, вклучувајќи го и моделот на динамичните цени.
Канцеларијата на Џенифер Девенпорт навела дека ФИФА во периодот од октомври 2025 до април 2026 година ги зголемила цените на билетите за повеќе од 90 натпревари на турнирот, во просек за 34 проценти.
ВИДЕО | Судијата на кој САД му забрани влез е дочекан како херој во Сомалија
Мундијал 2026 | Група Х: Шпанија е фаворит за титулата, Биелса е најголем адут на Уругвај
Дроновите ќе бидат забранети на Мундијалот, предвидени се казни и до 100.000 долари


