Сопругата на Том Хенкс го поддржа Боби Андонов за Евровизија, а пејачот за „Слободен печат“ вели: „Никогаш не сум бил поподготвен“
Враќањето на Македонија на Изборот за песна на Евровизија во 2027 година веќе ги израдува фановите на натпреварот, а едно име особено се издвојува меѓу желбите на публиката – Боби Андонов.
Препорачано
Пејачот, кој уште како дете ја претставуваше Македонија на Детската Евровизија, во последните денови добива голема поддршка на социјалните мрежи од фанови, музичари и личности поврзани со Евровизија, а меѓу нив се најде и холивудската актерка и пејачка Рита Вилсон.
„Боби го има еден од најдобрите гласови што сум ги слушнала. Го имам слушано во живо и е неверојатен. Евровизија – направи го тоа!“, напиша Вилсон под објава поврзана со можниот настап на Андонов на Евровизија 2027.
На нејзината порака, Андонов одговори: „Ти благодарам многу, Рита! Твојата поддршка ми значи многу. Би било сон да ја претставувам Македонија во 2027 година!“

Поддршка за него јавно изрази и Ендру Ламбру, кој го претставуваше Кипар на Евровизија 2023 година.
„Боби би растурил на Евровизија 2027“, напиша Ламбру.

Меѓу оние што застанаа зад Андонов е и Треј Кембел, член на групата „Еквинокс“, која ја претставуваше Бугарија на Евровизија, а воедно е и добитник на Греми награда.
„Да! Твое време е, кралу! Боби до победа!“, порача Кембел.

Поддршка пристигна и од македонскиот музичар Јован Јованов, водителот Марко Марк и други јавни личности.
Во разговор за „Слободен печат“, Андонов ни призна дека интересот и поддршката што ја добива од Македонија и од евровизиските фанови ширум светот за него значат многу.
„Да гледам толку многу фанови од Македонија, од Балканот и од целиот свет кои сакаат да одам на Евровизија е навистина неверојатно. Ова е нешто што го посакував долго време и 2027 е вистинското време за тоа. Никогаш во мојата кариера не сум бил толку подготвен. Спремен сум и би ми било огромна чест и задоволство мојата татковина Македонија да ја претставам на светски начин“, вели Андонов.
Тој додава дека Македонија заслужува настап со кој сите ќе се гордеат.
„Македонија го заслужува тоа, заслужува светски настап и неверојатен резултат, бидејќи каде и да сум, моето срце чука за Македонија и нашиот народ. Ова не е само мој сон, туку желба целиот народ да се почувствува горд и среќен преку тој настап“, истакна пејачот.

Андонов за „Слободен печат“ откри и дека наскоро ќе објави нова музика на македонски јазик.
„Многу сум возбуден што наскоро ќе го најавам мојот македонски сингл ‘Момент’, кој го направив со познатата македонска текстописка Магдалена Цветкоска – Ена. Ова е првата од многуте македонски песни што следат и наскоро ќе објавам албум“, открива тој.
Да потсетиме, Боби Андонов е роден во Австралија во семејство со македонско потекло. Македонската публика го запозна во 2008 година, кога ја претставуваше земјата на Детската Евровизија со песната „Прати ми СМС“, а во годините потоа ја градеше својата кариера на меѓународната музичка сцена.


