Меси со трофејот од СП/EPA/Tolga Bozoglu

Мундијал каков што светот не видел

Рекорден број учесници ќе играат рекорден број мечеви на Мундијалот со рекорден број земји-домаќини… Светското првенство стартува денеска со дуелот Мексико – Јужна Африка. Аргентина го брани трофејот, главни фаворити за титулата се Шпанија и Франција

Најголемото Светско фудбалско првенство досега, со рекордни 48 репрезентации кои ќе играат рекордни 104 натпревари распоредени низ САД, Канада и Мексико, стартува денеска. Порано беа 32 земји-учеснички. Првиот меч е Мексико – Јужна Африка (21 ч) што се игра на Ацтека стадионот во Мексико Сити. Финалниот меч е закажан за 19 јули, на стадионот во Њу Џерси.
Досег аниеден мундијал немал три земји-домаќини. Актуелниот шампион Аргентина ќе го брани трофејот, а четири земји, Зеленортски Острови, Курасао, Јордан и Узбекистан, ќе го имаат своето мундијалско деби.

Формат на турнирот

На сите учесници им се загарантирани три натпревари во групната фаза. Тимовите се распоредени во 12 групи од по четири тима. По групната фаза, првите две екипи од секоја група имаат загарантиран пласман во шеснаесетфиналето, исто како и осумте најдобри третопласирани екипи.

„Преживеаните“ 32 екипи по групната фаза ќе учествуваат во шеснаесетфиналето, а нокаут-фазата потоа ќе продолжи за на крајот да ги даде учесниците во финалето и во мечот за третото место.

„Гаучосите“ бараат подвиг

На последните шест светски првенства имавме шест различни шампиони – Аргентина во 2022 година, Франција во 2018 година, Германија во 2014 година, Шпанија во 2010 година, Италија во 2006 година и Бразил во 2002 година. Таква низа никогаш претходно не се случила во историјата на светските првенства.

Аргентина се обидува да направи нешто што не е направено со генерации: да освои две светски првенства во низа. Единствените нации што го постигнаа тој подвиг беа Италија (1934 и 1938 година) и Бразил (1958 и 1962 година).

Дроновите ќе бидат забранети на Мундијалот, предвидени се казни и до 100.000 долари

Кои се фаворитите за титулата?

Фаворити за титулата се познати, а предводени се од петтемина претходни победници. Вицешампионот од СП 2022 година, Франција и актуелниот европски шампион Шпанија се двата главни фаворити. По нив следува Англија, па бранителот на титулата Аргентина и петкратниот рекорден победник Бразил.

Во второто ниво фаворити се секогаш опасната Португалија, Германија репрезентација која шокантно испадна во претходните две групни фази по ред, Холандија, Норвешка предводена од Ерлинг Халанд и Белгија.

Кој тим ќе изненади?

Главните кандидати да предизвикаат изненадување со висок пласман, можеби и подиум, се Јапонија, Колумбија, Турција, Мароко. Јапонците секогаш се високо дисциплинирани, а на ова СП излегуваат со одличен состав. Килумбија има убиствен напад со Хамес Родригез и Луис Дијаз. Турција е супер талентирана со Арда Ѓулер и Кенан Јилдиз. Мароко, откако стигна до полуфиналето во 2022, е секогаш опасен.

ВИДЕО | Мундијалски вести: Претставување на шест групи на СП 2026

Астрономски награден фонд

ФИФА во декември објави рекорден награден фонд на Светското првенство од 727 милиони долари, при што победничкиот тим ќе добие 50 милиони долари, а секој тим-учесник ќе добие најмалку 10,5 милиони долари.

Тоа е значителен скок во однос на наградниот фонд од 440 милиони долари во претходното издание, во кое Аргентина освои 42 милиони долари заедно со шампионскиот трофеј.

Tемпературен шок

Првенството може да биде опасно за играчите и за навивачите на околу една четвртина од натпреварите поради преголема топлина и влажност. Околу 25 отсто од сите мечеви веројатно ќе се играат кога условите надминуваат 26 степени целзиусови. Кога температурите се над таа граница се спроведуваат безбедносни мерки. Меѓу ризчините мечеви се финалето во Њу Џерси на 19 јули, како и две четвртфиналиња и плејофот за третото место.

Добре дојде „Арена спорт МК“, збогум МРТВ

Групи

Група А: Мексико (15), Јужна Кореја (25), Чешка (41), Јужна Африка (60).
Група Б: Швајцарија (19), Канада (30), Катар (55), Босна и Херцеговина (65).
Група Ц: Бразил (6), Мароко (8), Шкотска (43), Хаити (83).
Група Д: САД (16), Турција (22), Австралија (27), Парагвај (40).
Група Е: Германија (10), Еквадор (23), Брегот на С.К. (34), Курасао (82).
Група Ф: Холандија (7), Јапонија (18), Шведска (38), Тунис (44).
Група Г: Белгија (9), Иран (21), Египет (29), Нов Зеланд (85).
Група Х: Шпанија (2), Уругвај (17), Саудиска Арабија (61), Зелен ’Рт (69).
Група И: Франција (1), Сенегал (14), Норвешка (31), Ирак (57).
Група Ј: Аргентина (3), Алжир (28), Австрија (24), Јордан (63).
Група К: Португалија (5), Колумбија (13), Конго (46), Узбекистан (50).
Група Л: Англија (4), Хрватска (11), Панама (33), Гана (74).
* Броевите во заградите го прикажуваат ФИФА-рангот на тимовите

Тимови: Мексико – Јужна Африка (Група А)
Старт: Четврток, 21 часот по македонско време
Место: Стадион Ацтека во Мексико Сити. Ова е прв стадион кој ќе биде домаќин на натпревари на три различни светски првенства (1970, 1986 и 2026).
Церемонија на отворање: Започнува 90 минути пред почетокот на мечот. Ќе настапат ѕвезди како Шакира, Бурна Бој,Тајла, Кети Пери…

Од Стабиле до Мбапе: Ова е листата на најдобри стрелци на сите светски првенства

Стадиони, капацитети

Соединетите Американски Држави:
Далас: Стадион Далас — 94.000. Њу Џерси: Стадион Метлајф — 82.500. Атланта: Стадион Мерцедес-Бенц — 75.000. Канзас Сити: Стадион Ароухед — 73.000. Хјустон: Стадион НРГ — 72.000. Санта Клара: Стадион Левис — 71.000. Лос Анџелес: Стадион Софи — 70.000. Филаделфија: Фајненшл Филд Линколн — 69.000. Сиетл: Лумен Филд — 69.000. Бостон: Стадион Жилет — 65.000. Мајами: Стадион Хард Рок — 65.000.
Мексико:
Мексико Сити: Естадио Ацтека — 83.000 Монтереј: Естадио ББВА — 53.500. Гвадалахара: Стадио Акрон — 48.000.
Канада:
Ванкувер: БЦ Плејс — 54.000. Торонто: БМО Филд — 45.000.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот