Васко Тодоров и Бранко Огњановски во филмот „Балканкан“ / Фото: Инстаграм/„К-15“

„Универзумот бил расположен на 11 јуни“ — денеска роденден слават Васко Тодоров и Бранко Огњановски од „К-15“

Денеска, 11 јуни, роденден слават Бранко Огњановски и Васко Тодоров – двајца од тројцата основачи на култната македонска хумористична емисија „К-15“ и луѓето кои ги создадоа незаборавните ликови Миле Паника и Тошо Малерот.

По повод нивниот роденден, вреди да се потсетиме на честитката што минатата година беше објавена на официјалниот инстаграм-профил на „К-15“.

„Универзумот бил расположен на 11 јуни, па место една, ни дал две легенди. Среќен роденден на дуото од најпознатото трио!“, напишаа тогаш од „К-15“.

Хумористична критика на македонското општество

Заедно со Љупчо „Бубо“ Каров, Огњановски и Тодоров се автори на една од највлијателните и најгледани емисии во поновата историја на македонската телевизија. „К-15“ првпат беше емитувана на 23 ноември 1994 година, а последната епизода беше прикажана на 23 март 2013 година.

Во текот на речиси две децении, тројцата актери преку кратки хумористично-сатирични скечови ги обработуваа секојдневните проблеми на граѓаните, но и чувствителните општествени, политички и економски теми. Нивните реплики станаа дел од секојдневниот говор, а ликовите како Цацко Конопишки, Тошо Малерот и Миле Паника останаа препознатлив симбол на македонската популарна култура.


По повод 29-годишнината од емитувањето на првата епизода, во ноември 2023 година, Бранко Огњановски објави видео со првиот скеч што го снимиле тој, Васко Тодоров и Љупчо „Бубо“ Каров.

„Ова е првиот скеч што јас, Бубо и Васко го имаме глумено во ‘К-15’. Првата епизода беше емитувана на денешен ден, на 23 ноември 1994 година“, рече тогаш Огњановски.

Три вечери во „Борис Трајковски“ за 30 години „К-15“

Во мај минатата година, Васко Тодоров, Бранко Огњановски и Љупчо „Бубо“ Каров одбележаа три децении од постоењето на „К-15“ со три спектакуларни настапи во арената „Борис Трајковски“. Првиот концерт беше одржан на 16 мај 2025 година, а поради огромниот интерес беа закажани уште две вечери.

Пред преполната арена, легендарното трио ги оживеа најпознатите скечеви и ликови што ја одбележаа македонската телевизија, но приреди и нови содржини инспирирани од актуелните случувања во земјата. Посебни реакции кај публиката предизвикаа изведбата на „Ти си некаде“ од Цацко, раскажувањето на „кичмата“, пеглањето на Тошо, како и појавувањето на Бапчо.

Настапот беше збогатен со оркестар од повеќе од 30 музичари под диригентската палка на Џијан Емин, додека режијата ја потпиша Синиша Евтимов.

Малкумина знаат — Васко Тодоров е кум на синот на Бранко Огњановски

Иако со години се меѓу најпрепознатливите телевизиски лица во Македонија, членовите на „К-15“ ретко зборуваат за својот приватен живот. Токму затоа беше многу интересно интервјуто што новинарката Александра Вуксановиќ го реализираше за „Слободен печат“ со децата на актерите од легендарното трио.

Во студиото гостуваа Огнен Огњановски, синот на Бранко Огњановски, како и Илија – Ико Каров и Данаил – Дачо Каров, синовите на Љупчо „Бубо“ Каров.

„Јас за ‘К-15’ знам од кога знам за себе“, раскажа Огнен, присетувајќи се дека како дете луѓето често го препознавале по реклама во која како бебе се појавил заедно со актерите од „К-15“.

Ико Каров, пак, откри дека дури подоцна сфатил колку големо културно значење има работата на неговиот татко и неговите колеги.

„Цацко, Миле и Тошо и пред К-15 имале друг живот, но ние, нивните деца – не. Нам тоа ни е целиот живот, дел од нас. Јас за нивната интелектуалност и генијалност, за тоа што го прават како еден културолошки и општествен печат, се освестив дури на мои 18 години“, изјави тој.

Децата на К-15 - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Децата на К-15 – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Еден од најинтересните моменти од разговорот беше откритието дека Васко Тодоров не е само долгогодишен пријател на семејството Огњановски, туку и кум на Огнен.

„Да, мене Васко ме крстел. Не го дал тој името, го одбрале моите, но тој е мојот кум“, откри Огнен.

Синовите на Бубо Каров, пак, раскажаа дека Тошо Малерот за нив бил како втор татко и човек од кого често барале совети.

„Многу се дружевме, Тошо ни беше како втор татко. Јас кога пораснав и кога почнаа љубовните маки, не можев дома на моите да им кажувам, сите совети ги барав од него“, раскажа Дачо Каров.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот