Скапите вештачки ѓубрива ги осакатија земјоделските приноси — има ли Владата слух за домашното производство?
ЕУ е во паника за заштита на земјоделците. Издвои 500 милиони евра за тие да се справат со растот на цените на ѓубривата. Кај нас има ограничување на маржите. Но, мерката е задоцнета и ги одминаа пролетните посеви и летниве култури, велат земјоделците
Европската Унија подготвува итен пакет помош од 500 милиони евра за поддршка на земјоделскиот сектор поради наглиот раст на цените на вештачките ѓубрива и енергенсите, предизвикан од нарушувањата на светските пазари по затворањето на Ормускиот Теснец. Што прави нашата Влада за да го зачува домашното земјоделско производство?
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Земјоделците велат дека ограничувањата на маржата за вештачките ѓубрива од 31 мај беше задоцнета мерка, а дека таканаречената зелена нафта се дава во симболични количини. Затоа, велат тие, има намалено производство, но и намалени приноси како резултат на штедење на ѓубрива.
Ѓубривата и нафтата се поскапи за 50 проценти
Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа, објаснува дека во однос на минатата година, цената на вештачките ѓубрива се зголемила за 50 проценти. За 50 проценти е зголемена и цената на горивата. Само овие два елементи во просек учествуваат со 50 отсто во производната цена на земјоделските производи.
– За жал, мерката за ограничувањето на маржите беше донесена откако ние веќе моравме да употребиме ѓубриво. Земјоделците не се моќни и место да користат оптимални количини, тие користеа минимални количини ѓубриво, а тоа донесе до значајно намалување на приносите. Затоа и сега немаме доволно домашен зеленчук. И по пазарите најголем дел се произведува увезена храна. А, „зелената нафта“ не е вредна ни да се спомене. Наменетите количини се симболични, колку да се каже дека државата им помага на земјоделците. Примерите во околината зборуваат за значајна помош. На пример, Хрватска се откажа од акцизата за нафтата за земјоделците. Е тоа е веќе значаен износ – вели Каракашев во изјава за „Слободен печат“.
Поскапеа и пестицидите и работната рака
Покрај растот на цените на ѓубривата и на нафтата, има раст на цената на пестицидите од 10 до 20 проценти, како и на работната рака. Увезената стока, но и сезонските пикови кога нагло стасуваат одредени производи, ги туркаат цените надолу. На пример, црешите на големо се продаваат 30 до 50 денари за килограм.
– Што не се коментира сега ниската цена на црешите? Род има, ама кој да го набере? Берачите бараат дневница од 2.500 денари, а одвај берат по 40 килограми. Каде е сега математиката? – прашува еден овоштар на социјалните мрежи.
Годинава во програмата за финансиска помош за земјоделците има околу 100 милиони евра, но земјоделците велат дека поголем дел од парите ќе се потрошат на заостанати субвенции.
Имало маржи и од 70 проценти!
Како одговор на драстичниот раст на цените на вештачките ѓубрива, Владата донесе одлука со која од 31 мај највисоката бруто-профитна маржа на неорганските ѓубрива е по пет проценти во трговијата на големо и во трговијата на мало. Маржата за органските ѓубрива, органо-минерални ѓубрива и биостимулатори во трговијата на големо изнесува до 10 проценти и уште толку во трговијата на мало. Министерот за земјоделство Цветан Трипуновски, промовирајќи ја мерката рече дека биле евидентирани маржи и по 70 проценти!
Ефектот од оваа мерка ќе може да се почувствува кај есенската и зимската сеидба. Пакетот на Европската Унија од 500 милиони евра стигна токму по предупредувањето од Европската комисија дека без брза реакција постои ризик дел од земјоделците да го намалат или целосно да се откажат од есенското и зимското сеење.
Според министерот Трипуновски, одвоена е сериозна сума за зелените картички за нафта. Тој рече дека уште во 2025 година износот е зголемен за 100 проценти во однос на 2024 година, односно дека изнесувал 500 милиони денари.


