Странски газда на фирма дал гаранција од банка во стечај — пропаднаа 9 милиони евра за проект во Кичево
Странски државјанин доби кривична пријава бидејќи дал гаранција од банка во стечај при јавна набавка за проект во Кичево, со што државата претрпела штета од над 9 милиони евра.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против С.Г.О.Б., во својство на сопственик и управител на правно лице, како и против самото правно лице, поради сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“.
Финансиската полиција соопшти дека С.Г.О.Б., во својство на сопственик на правното лице, ги повредил прописите поврзани со јавниот повик за проектот „Рехабилитација и проширување на канализационата мрежа во Општина Кичево“.
За проектот во 2023 година бил склучен договор со Министерството за финансии на РСМ – Секторот за централно финансирање и склучување на договори во рамките на Секторска оперативна програма за животна средина и климатски акции за ИПА II (2014-2020).
Ортаци во фирма од Скопје затаиле 120.000 евра од државата, тврди Финансиската полиција
Осомничениот бил должен во текот на неговата реализација да обезбеди важечка банкарска гаранција и да достави барање за одобрување на подизведувачи до договорниот орган, при извршувањето на договорот финансиран од Европската комисија и Буџетот на РСМ.
Но, се додава во соопштението, осомничениот го прикрил стечајот на азербејџанската банка „Муганбанк“ – која била издавач на банкарската гаранција што веќе не била валидна.
Тој истовремено ангажирал подизведувачи без претходно да обезбеди одобрение од Министерството за финансии и надзорниот орган.
Со тоа, пријавениот постапил спротивно на договорните обврски и условите за реализација на проектот, поради што договорот бил раскинат, велат од Управата за финансиска полиција.
Со горенаведените дејствија била предизвикана штета на буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од 127.425.036 денари, како и штета по основ на загубени ИПА средства во износ од 9.474.132 евра, кои државата ќе треба да ги обезбеди од сопствени средства, се вели во соопштението.


