Сопругата на Андреј од „ДНК“ за првпат прозборе за пожарот: Да не се вратеше да спасува, ќе си го одземеше животот
За кобната вечер кога го загуби животот обидувајќи се да спаси млади во пожарот во Кочани на 16 март лани, прозборе Наталија Ѓорѓиеска, сопругата на Андреј од „ДНК“.
Препорачано
Во поткастот „Претрес“, кој го води Кристијан Ландов, со многу емоции, Наталија откри приказни за Андреј за кои досега не зборувала.
„Во исто време, таа гордост е на исто ниво како и тагата. Едното без другото во оваа ситуација не оди. Јас сум премногу горда на човекот кој што сум го имала во својот живот, а тажна сум зошто повеќе не е со нас, меѓутоа, од друга страна, сум благодарна што сум имала прилика да бидам дел од неговиот живот и тој од мојот. Би сакала, ете, да им порачам неговото дело и неговиот лик никогаш да не го заборават. Јавноста знае многу мал дел од неговите хуманитарни акции. Тој, вон работните обврски, имаше навика да помага без разлика дали е тоа финансиски, без разлика дали треба да му се помогне на некој да се платат сметки, да се донесе мебел, можеби има некој болен во своето семејство, па дури и кога беше во поплавата во Стајковци, тој и Панчо помагаа да се одглави некој од калта, помагаа да се спаси некој живот“, рече Наталија Ѓорѓиеска.
Навраќајќи се на ноќта на пожарот, таа изјави дека Андреј не би можел да живее со чувството ако не се вратил да спасува животи во дискотеката „Пулс“ додека горела.
„Јас не бев изненадена. Некако, последователно очекував дека ако не го направил тоа, тоа не би бил тој. Дури и имам доста слободно време да размислувам на таа тема што би било, кога би било и да се спасел. Познавајќи го Андреј, мислам дека не би можел да премине преку тоа, 60 луѓе да загинат, а тој да е помеѓу живите. Едноставно мислам дека самиот тој би си го одзел животот“, рече Наталија, а потоа се наврати на неговата хуманост.
„Едноставно тоа го имаше како однатре да го тераше, тој не можеше да седи мирен, чувствуваше одговорност и должност да помогне. Едноставно не можеше да помине туку-така покрај туѓа болка, покрај потреба некому да му се помогне. Многу често сум била сведок, поминува покрај нас човек кој што се гледа дека нема, а и има многу луѓе кои што просат на улици, за жал. Тој секогаш бил спремен, моментално пакува од дома сѐ што има, дава. Дали има пари во џеб, дава. Секогаш давал. Никогаш за себе не гледал. Дури и во нашето семејство секогаш гледал мене и Јана да нѐ стави на пиедестал и за нас да придонесе, додека тој бил во позадина“, со растреперен глас сподели сопругата на Андреј.
Наталија денес уште нема храброст да ги слуша песните на „ДНК“.
„Сѐ уште не можам да ги слушам, но се чувствувам убаво кога ќе слушнам дека луѓето ги слушаат нивните песни. Тоа е таа некоја гордост, да кажам, за, ете, и неговите достигнувања и тоа што успеал да остане приземен и покрај таа слава, бидејќи знаеме дека денеска многу малку треба некој да го понесе славата и веќе самиот човек да се изобличи“.
Ѓорѓиеска рече дека не е правник да ги коментира судењата, кои будно ги следи, а се надева дека наскоро вистината ќе излезе на виделина. Таа додаде дека добиле голема поддршка од приватните компании, а од она од државата почувствувала „само обид за помош“.
На прашањето на новинарот дали добива поддршка од колегите на Андреј од естрадата, таа рече дека тоа прашање треба да им се постави на нив.
„Ќе ви напоменам еден момент. Пред неколку месеци, тоа беше многу брзо по трагедијата, се организираше марш во Скопје. Знаете и самите дека имавме поддршка од преку 10.000 граѓани, кои нѐ поддржаа за тој марш. Тој марш и сите што ќе се одржуваат во иднина не е само за загинатите, туку и за сите идни генерации. Значи, пораката е таа, да не се повтори. А помеѓу тие 10.000 луѓе јас не видов ниту еден естраден уметник“, рече Ѓорѓиеска и додаде дека некои од колегите на Андреј имале концерти и настапи кога се одржувале маршевите.
„Многу е неблагодарно да се обвинува за нешто коешто не е докажано уште. Ние имаме деца кои тоа може да го слушнат и да го прочитаат. Болката која ќе нѐ следи до крајот на животот ја прават да биде уште поголема, без никакво чувство за емпатија“, искоментира Ѓорѓиеска за судењата.
Таа додаде дека многу се зближила со семејствата на загинатите, и дека би сакала да биде во нивна близина додека може.


