На денешен ден – 11 јуни: Починал Благоја Спиркоски – Џумерко, македонски театарски и филмски актер
1509.- Англискиот крал Хенри Осми се ожени со првата од шесте жени, Катарина Арагонска.
Препорачано
1727.- Умре британскиот владател од германско потекло Џорџ Први, првиот монарх на Велика Британија од хановерската династија. На престолот го наследи неговиот син Џорџ Втори. Во текот на неговото владеење од 1714 година па сѐ до смртта, функцијата на премиерот се искристализира како клучна во извршната власт.
1859.- Умре австрискиот кнез Клеменс Метерних, кој како министер за надворшни работи и канцелар четири децении ја кроеше надворешната и внатрешната политика на Австрија, а во многу што и судбината на Европа. Шеф на дипломатијата беше од 1809 до 1821 година, а од 1821 до 1848 година канцелар, кога беше тргнат во Мартовската виенска револуција и беше принуден да емигрира во Англија.
1864.- Роден е германскиот композитор и диригент Рихард Штраус, долгогодишен директор на Виенската опера. Компонираше опери, балети, соло-песни и камерна музика. Дела: симфониските поеми „Дон Хуан“, „Тил Ојленшпигел“, „Алпска симфонија“, „Животот на јунакот“, оперите „Салома“, „Електра“, „Каваљер со ружа“, „Египетска Хелена“, „Арабела“ и „Љубовта на Данаја“.
1869.- Македонската црковно-училишна општина во Неврокоп упати писмо до великиот везир во Цариград, во кое бараше решавање на црковното прашање преку поставување владика од словенско потекло. Чувствувајќи опасност, Цариградската патријаршија го заоструваше курсот на својата панелинска политика и ги активираше своите органи на теренот против воведувањето на црковнословенскиот јазик во црквите и на македонскиот јазик во училиштата. Започна прогон на сѐ што е словенско од страна на грчките владици. Тогаш беа уништени голем број словенски ракописи и богослужбени книги.
1880.- Родена е американската пацифистка Џенет Ренкин, првата жена која стана член на Американскиот конгрес.
1891.- Велика Британија и Португалија потпишаа конвенција за поделба на интересните сфери северно и јужно од реката Замбези во Африка, со која Њаса (денешен Малави) стана британски протекторат.
1902.- Во селото Ракитница, Крушевско, во борба против турската војска загина Веле Марков, македонски револуционер, социјалист, член на ТМОРО и војвода. Во борбата загинаа и неколкумина негови соборци. Веле Марков е роден во селото Селце, Крушевско, во 1870 година.
1910.- Во Сент-Андре-де-Кибзак, во близина на Бордо, Франција, е роден Жак Кусто, француски истражувач на морските длабочини и режисер на документарни филмови за животот во морето. Познати се неговиот филм „Свет на тишината“ и бројните документарни серии за морскиот свет. Умре на 25 јуни 1997 година.
1955.- Во автомобилската трка „24 часа Ле Ман“ загинаа 80, а беа повредени повеќе од 100 гледачи по сударот на три автомобили кои влетаа во гледалиштето.
1970.- Умре рускиот државник Александар Фјодорович Керенски, член, а потоа и претседател на Привремената влада по Февруарската револуција во 1917 година во Русија. По симнувањето од власт, во 1918 година емигрираше, а од 1940 година до смртта живееше во САД.
1970.- Последниот американски војник ја напушти воздухопловната база „Вилус“ во Либија, на барање на полковникот Моамер ел Гадафи, кој на 1 септември 1969 година го собори режимот на кралот Идриз Први од династијата Сенуси.
1979.- Во Лос Анџелес умре Џон Вејн (вистинското име му е Марион Мајкл Морисон), американски филмски актер, режисер и продуцент. Играше главно во вестерн-филмови, толкувајќи ликови на правични и осамени луѓе. Филмови: „Поштенска кочија“, „Рио Гранде“, „Црвената река“, „Вистинска храброст“ (Оскар), „Рио Браво“ и други. Роден е во Винтерсет, на 25 мај 1907 година.
1988.- Умре италијанскиот државник Ѓузепе Сарагат, поранешен претседател на Италија и основач на Италијанската социјалдемократска партија.
2005.- Министрите за финансии на седумте најразвиени земји во светот и Русија, таканаречената група Г-8, во Лондон постигнаа историски договор за отпис на 40 милијарди долари долг на најсиромашните земји во светот.
2005.- Умре поранешниот португалски премиер, генералот Васко Гонсалвес, еден од водачите на португалската „Револуција на каранфилите“ во 1974 година, кога беше тргнат од власт режимот што своевремено го воспостави Антонио Салазар.
2008.- Сменетиот крал на Непал, Ѓанендра, ја напушти својата палата во Катманду и започна живот како обичен граѓанин. Династијата што со земјата владееше 240 години беше тргната од власт, бидејќи со древната хималајска монархија завладеаа маоистите.
2013.- На 79-годишна возраст почина полошко-кумановскиот митрополит Кирил. Средно богословско училиште завршил во Призрен. Во 1964 година се замонашил во манастирот „Света Пречиста“ кај Кичево. Студирал на Московската духовна академија на Руската православна црква во Загорск, каде го завршил првиот степен на студиите. Во 1967 година, во Соборниот храм „Свети Димитриј“ во Скопје, бил хиротонисан во епископски чин. Раководел извесен период со Австралиската и со Американско-канадската епархија. Во 1987 година бил назначен за Полошко-кумановски митрополит. Коавтор е на монографијата „Почит кон Свети Кирил Солунски – Десетте поклоненија на Светикириловиот гроб во Рим“ (Скопје, 1979). По упокојувањето на архиепископот Доситеј, од 22 мај до 19 август 1981 година, до изборот на архиепископот Ангелариј, привремено ја извршувал должноста на поглавар на Македонската православна црква. Владиката Кирил е роден на 23 јуни 1934 година во селото Царев Двор, Преспанско.
2015.- На 69-годишна возраст почина познатиот театарски и филмски актер Благоја Спиркоски – Џумерко. Оствари бројни улоги, а најпознат ќе остане по ликот на Итар Пејо во „Солунски патрдии“. Беше член на Народниот театар во Прилеп од 1966 година сѐ до пензионирањето. Џумерко остави значаен белег во македонската култура со улогите во филмовите „Тетовирање“, „Викенд на мртовци“ и „Како убив светец“, како и во ТВ-сериите „Бумбари“, „Погрешно време“ и „Наше маало“. Добитник беше на наградата за животно дело „Војдан Чернодрински“ во 2011 година. Роден бил во Прилеп во 1946 година.


